УНИЦЕФ: Недостигот на вода ќе влијае врз 600 милиони деца

Сподели

Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) во својот извештај објавен на „Светскиот ден на водата“ го истакнува влијанието на брзото исцрпување на безбедните водни ресурси врз децата, како резултат на климатските промени, растот на сушите во светот и конфликтите што избувнаа на повеќе места во светот, јавува Anadolu Agency (AA).

Во извештајот се наведува дека секоја година се зголемува побарувачката на вода, но поради исцрпувањето на безбедните ресурси на вода, 36 земји од светот се соочуваат со „исклучително сериозен недостиг на вода“.

Секојдневно, во светот, повеќе од 800 деца под 5-годишна возраст ги губат своите животи од дијареја, поради тоа што немаат пристап до чиста вода и поради нехигиена.

Поради брзото исцрпување на водните ресурси, на светско ниво, до 2040 година се очекува едно од 4 деца, т.е. 600 милиони деца да се соочат со ризик од смрт или заболување.

– „Децата се изложени на напади додека се обидуваат да најдат вода“ –

Во овој извештај се привлекува вниманието на тоа дека голем број деца не можат да одат на училиште поради тоа што секој ден со часови се обидуваат да најдат чиста вода во регионите погодени од суша, додека девојчињата понекогаш се изложени и на напади.

Со ризик од смрт поради голема ненахранетост од сушата се соочуваат 1,4 милиони деца во Сомалија, Јужен Судан, Нигерија и во Јемен, каде што се случуваат оружени конфликти.

Над 9 милиони лица во Етиопија оваа година можат да имаат проблеми со пристапот до чиста вода за пиење.

Според овој извештај, во 2050 година, половина од светското население нема да има доволен пристап до водните ресурси.