Заев ќе разговара со Меркел за ставовите меѓу Скопје и Софија

Сподели

 

Премиерот Зоран Заев денеска ќе разговара со германската канцеларка Ангела Меркел. Разговорот е дел од дипломатските напори на Берлин за приближување на ставовите на Скопје и Софија за да се одржи првата Меѓувладина седница со ЕУ и Македонија официјално да ги почне преговорите за членство, по најавите за вето од страна на Бугарија.

Заев вчера изјави дека по разговорот во Берлин има оптимизам во однос на решавање на прашањето со Бугарија, а тоа го гледа и во обраќањето на бугарската министерка за надворешни Екатерина Захариева, но и во Фејсбук статусот на премиерот на Бугарија Бојко Борисов. Во Берлин во понеделникот вечерта со Захариева се сретнаа министерот за надворешни на Македонија Бујар Османи и вицепремиерот Никола Димитров, а состанокот беше под покровителство на германските власти.

„Сега сме ние на ред, Република Северна Македонија треба да ги отвори поглавјата преку првата меѓувладина конференција. Се трудам да има целосно разбирање. Двете страни сакаат да има решение, рече Заев.

Канцеларката Меркел вчера имаше видео-конференциски состанок со премиерот Борисов, за кој тој објави на неговиот Фејсбук профил.

„Верувам дека со помош на Германија, особено за време на нејзиното претседателство Советот на ЕУ ќе се донесат силни и правилни одлуки, напиша Борисов.

Захариева по состанокот во Берлин рече дека има напредок во однос на отворените прашања, но и покрај напредокот не може да ја одобрат рамката за преговори.

По извесниот напредок постигнат во понеделникот во Берлин на средбата на Димитров и Османи со Захариева на инцијатива на нивниот германски колега Хајко Мас, продолжуваат дипломатските напори во насока на приближување на ставовите на двете страни со цел овозможување на одржување на првата Меѓувладина седница со ЕУ за време на германското претседателство, пренесува РСЕ.