Вести Свет

ЖЕНИТЕ ВО ПОЛСКА ЌЕ ОДБИЈАТ РАБОТА, ГОТВЕЊЕ И СЕКС ПОРАДИ НОВИОТ ЗАКОН ЗА АБОРТУС

Илјадници жени во Полска денеска нема да се појават на работа, ќе се откажат од работи во домаќинството и ќе апстинираат од секс, како протест поради планираните законски измени во земјата за криминализација на сите абортуси.

Планирано е жените цел ден да носат црно во одбивањето на предложените измени на законот за абортус, а преку воздржувањето од секакви активности целта е да ја запрат полската економија.

Полска и досега имаше еден од најрестриктивните закони за абортус во Европа. Прекинот на бременоста беше дозволена само во рана фаза кога е загрозен животот или здравјето на мајката, кога има веројатност бебето да има трајни последици по здравјето и во случај кога бременоста настапила како последица на силување или инцест.

Доколку стапат во сила новите измени, сите абортуси би биле криминализирани и жените кои би абортирале би се соочиле со затворски казни до пет години. Со затвор би се соочувале и медицинските лица кои би го вршеле или помагале абортусот.

Противниците на законот се плашат дека жените кои би доживеале спонтан абортус ќе бидат под истрага, додека докторите би избегнувале рутински процедури на бремени жени во страв дека би биле обвинети за поттикнување абортус.

Денешниот штрајк, наречен „црн протест“, е најавено да се одржи во 60 различни полски градови.

„Многу жени и девојки во земјава се чувствуваат дека немаат никаква моќ, дека не се еднакви, дека немаат право на избор. Ова е шанса да бидеме видени и слушнати“, вели Магда Старошжчик за Гардијан.

Протестите се инспирирани од генералниот штрајк кој пред повеќе од 40 години го направиле жените од Исланд, кога 90 проценти од нив одбиле да работат, готват, и да се грижат за децата цел ден во октомври 1975 година.

Пред два дена илјадници полјаци одржаа протест пред парламентот во Варшава, но денешниот штрајк се очекува да има поголемо влијание.

Поддршка на жените од Полска најавија граѓани на неколку држави од Европа и регионов, кои ќе се приклучат во штрајкот со откажување од секојдневните задачи и преку носење црна облека во текот на денот.

radiomof.mk

Сподели: