ЗОШТО СТРАВ ОД ПАРТИСКА ФРАКЦИЈА? – Јове КЕКЕНОВСКИ

Сподели

После повеќeкратно повторување (според мене напамет научена реченица) ,,Ние не сме фракција од страна на новите и подоцна освестени реформатори во ВМРО ДПМНЕ, неминовно ми се наметна потребата јавно да им го објаснам поимот ,,фракцијa” на овие млади и ,,полетни” момци. Целта ми е да ги ослободам од стравот дека фракционерството е ерес, а уште помалку најголем ерес. Тоа не смее да биде табу тема од која ќе се бега како што ѓаволот бега од темјанот. Напротив доколку мотивите за реформи им се искрени тогаш на овој текст и оваа мала образовна лекција ќе гледаат најдобронамерно и позитивно.

Токму нивниот страв од споменување на зборот ,,фракција” ме натера сериозно да подразмислам и да се запрашам што е причината што во Република Македонија во ниту една политичка партија не е дозволено фракционерско однесување, а сите партии го носат префиксот ,,демократска”. Демек која од која подемократска!

Колку што ме држи сеќавањето само НСДП на Тито Петковски дозволуваше со статутот фракционерско дејствување. Но, сепак за жал при првиот обид фракцијата да профункционира поради недоразбирањето кое се случи помеѓу еден член на тогашното најтесно раководство со лидерот на партијата, статутарно декларирана можност беше сотрена во корен. И толку од постоењето на фракции во нашата држава.

Се надевам дека во ситуацијата во која се наоѓаат речиси сите политички партии, во државава прифаќањето на аргументите за постоење на фракција ќе им овозможи на сегашните први луѓе на партиите и оние кои ке дојдат по нив поодговорно, потранспарентно и подемократски да раководат со партијата, без притоа постојано да бараат и да ги етикетираат за ,,внатрешни непријатели сите оние кои не секогаш се согласуваат со водењето на партиската политика.

Доколку членовите и симпатизиерите на политичките партии сакаат да се надоградат на политички план и да добијат барем малку појасна претстава за тоа што претставува фракција во една партија, најтопло им препорачувам да ја прочитаат книгата ,,Речник на демократијата” на авторот проф. д-р Зоран Стојиљковиќ. Запознавањето со поимот партиската фракција ќе овозможи на еден порелаксиран начин да размислуваат и говорат на оваа тема и истовремено ќе се добие појасна претстава за бескорисноста од практикувањето и страво-почитувањето на воспоставениот партиски султанизам, за жал толку карактеристичен за овие простори. Во спротивност фракцијата и понатаму ќе остане само пуста желба на оние кои имаат поинакво размислување од она на партиските раководства, а во партиите се повеќе ќе се чувствува незадоволството, постојано ќе ,,врие” како во котел, како дамоклов меч постојано ќе виси опасноста од внатрешен бојкот или пак бунт, а како ќе минува времето така ќе се намалува партиската поддршка на лидерот и неговото опкружување.

Самиот поим фракција според авторот на речникот означува автономно организиран и структуриран дел од политичка партија кој од еден дел од целината се издвојува поради различно прифаќање и поинаков пристап кон програмските определби и практикување на идеологијата. Во партиите кај кои што владее дијалог и вистинска внатрепартиска демократија, фракцијата не тежнее кон  кон расцепкување на партијата туку напротив го уважуваат и потенцира единствениот партиски индентитет. Според авторот на посочениот речник причини за појава на фракција во една политичка партијата се најразлични како на пример: 1). промовирање и водење на недослена партиска политика, 2). постоење на динамична политичка сцена со променливи меѓупартски нелогични сојузништва (коалиции) спротивни на иделошките определби на партијата, а јас би додал и 3). неможност да се развијат и практикуваат демократски внатрепартиски односи, како резултат на постоење на навидум демократски, а во суштина до ,,коска” централизирани статути и други акти единствено во функција на опстојување на лидерот и неговото најблиско опкружување. 4). централизација и узурпација на партијата од страна на партискиот врв (небаре партијата е приватна корпорација) и 5). од авторитаризмот на партискиот лидер и до него најблиските прислужници.

Противниците на постоењето на партиска фракција истакнуваат дека постоење на партиски фракции доведуваат до покомплицирано процедура на носење на партиски одлуки, но и дека фракциите доведуваат до фрагментација на членството и опасност од поделби во партијата па дури и до опасност од нејзин распад. Наспроти нив поддржувачите за постоење на партиска фракција велат дека: 1). фракцијата го збогатува и динамизира внатрепартискиот живот и истата придонесува за демократизација на односите внатре во партијата, 2). преку фракцијата јасно и јавно се идентификуваат носителите на различните идеи во партијата наспроти постојаните задкулисните партиски игри, партиски мешетарња, 3). фракцијата е можност организирано и јавно да се истакне и искаже незадоволствоо без да се изрекуваат партиски санкции, 4). за секое клучно прашање или проблем во државата и партијата се отвара дискусија при што фракцијата го презентира својот пристап и гледиште кон поставеното прашањето или проблем и се обидува да добие партиско мнозинство за нејзиниот став (по демократски пат) од членството во рамките на партиските органи и тела, 5). одлуките донесени со постоење на фракција создаваат услови за активна улога на членството (членството е во позиција да биде креатор на партиската политика преку автономното и мериторното одлучување и на тој начин сериозно да влијае на одредување на содржината и насоката на водењето на партиската политика, 6).  донесените партиски одлуки се поквалитетни, добиваат на ,,тежина” и се широко прифатени и практикувани од членството, 7). постоењето и дејствувањето на партиска фракција во голема мера ја одредува позицијата на партијата, но и карактерот на односите помеѓу членството во самата партија,  и уште многу други аргумети.

Во прилог на аргументите на поддржувачите на фракциите се и истражувањата во областа на партологијата како и практичните искуства од функционирање на политичките партии во западноевропските демократии. Така на пример во CDU партијата на Ангела Меркел постои фракција CDU – 2017 составена од повеќе од 50-тина пратеника во Бундестагот кои бараат реформи во партијата поради крупни стратешки промашувања на лидерот, но и забелешки за свртувањето на ЦДУ на лево. Исто така и во САД од голем број на фракции е составена Републиканската и Демократската партија.

Но како и да е и теoријата и пртаксата покажуваат дека до распад на една политичка партија најчесто доаѓа кога не е дозволено да постојат јавно организирани фракции односно онаму каде не постојат институционализирани пред се статутарни механизми кои гарантираат рамноправно претставување и коегзистирање на различни мислења во рамките на партијата.

Во случај некој од домашните партиски лидери во блиска иднина да се ,,осмели да дозволи фракцинерско дејствување, но и за да се осигура од опасноста од распад на партијата (ако воопшто може да се рече дека фракцијата е ,,опасност) најитно ќе мораат да обезбедат: максимална транспарентност на работата на партиските органи и тела и почитување на демократските процедури при донесување одлуки, определување на минимален број на членови кои можат да формираат фракција, претходно утврдување на бројот на прашања за кои е потребна широка внатрепартиска расправа, да обезбедат толерантна клима и меѓусебно нужно почитување помеѓу партискиото водство и фракцијата, да обезбедат или договорат консензус на сите влијателни партиски субјекти околу желбата и разумот за задржување и зачувување на воспоставениот парискиот идентитет, партиските одлуки да се носат со квалификувано наместо со просто мнозинство од членството. Но, исто така не смее да се запостави и прашањето на одговорност на лидерите и нивните најблиски соработници кое може да се постави во секој момент без притоа подносителите да се етикетираат како внатрешни непријатели.

Доколку нашите партиски лидери беа прагматични и демократски настроени и дозволеа фракционерско однесување немаше да ни се случи на политичката сцена од една да се прават по петнаесетина и повеќе партии и истите меѓусебно да си конкурираат, јавно да се напаѓаат и омаловажуваат и нечистите алишта да ги вадат пред целата јавност, за да после неколку изгубени години повторно да се спојуваат и да глумат дека се сакаат и почитуваат. Кај партиите каде егзистираат фракциите постои нужна почит и нема потреба од глума.

проф. д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ