100 години од раѓањето на Киро Глигоров

Сподели

Првиот претседател на самостојна Република Македонија, бил роден во Штип, на 3 мај 1917 г. Тој бил активист на македонското и југословенското студентско прогресивно движење, припадник на македонското националноослободително и југословенското комунистичко движење, учесник во антифашистичката борба во Вардарскиот дел на Македонија, долгогодишен успешен политичар и државник.

По завршувањето на основното образование во родниот град, учел во Машката гимназија во Скопје. Во овој период станал член на илегалната „Група Македонија“, која прераснала во Македонско младинска револуционерна организација (ММРО), тоа бил неговиот прв контакт со политиката која подоцна ќе ми стане судбина.

По матурирањето се запишал на Правниот факултет во Белград кој го завршил во 1940 г. Таму се вклучил како член, а извесно време и како секретар на прокомунистичкото Културно-уметничкото друштво „Вардар“. Во времето кога за македонската нација не постоела никаква можност за нејзино именување, а македонскиот народ бил покриен со називот „Јужносрбијанци“ студенстското друштво „Вардар“ имало правилен став кон процесите на еманципација на македонската нација. Глигоров, на средбите и митинзите бил најавуван како „студент Македонец од Македонија“. Како студент од трета година, во настанатата провала во комунистичката организација, првпат бил уапсен од српската полиција и суден, не пред граѓанскиот, туку пред Судот за заштита на државата. Поради немање докази набрзо бил ослободен.

По дипломирањето се вработил како приправник во адвокатска канцеларија во Белград. По германскиот напад врз Југославија во април 1941 г., се вратил во Скопје и се вработил најнапред како правник во еврејската „Вардар-банка”, а потоа отворил своја адвокатска канцеларија каде работел до 1943 г.

Во тој период стапил во контакт со Кузман Јосифовски–Питу, којшто илегално живеел во куќата на мајката на неговата сопруга. Есента 1943 г. на иницијатива на Питу, бил формиран Акционен народно-ослободителен комитет (АНОК), кој бил никулецот на идната власт, занимавајќи се најмогу со прашања како по ослободувањето да се формира народна власт и да се конститиуира народно собрание.

По разгледувањето на објавениот Манифест на ГШ на НОВ и ПОМ во октомври 1943 г., АНОК изразил одредено несогласување со зацртаните цели на борбата, во име на АНОК, Киро Глигоров и Благој Хаџи Панзов го напишале Приговорот на Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ, застапувајќи се за обединување на деловите на Македонија во единствена борба за слобода. Подоцна, тој и останатите членови на АНОК сфатиле дека нивните заложби се воено-политички и геостратегиски илузорни, се откажале од нив, го прифатиле Манифестот и пролетта 1944 г. излегле на слободната партизанска територија на Кумановско-Врањскиот терен.

Тогаш бил именуван за член и секретар на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Киро Глигоров бил делегат на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 г., заедно со Веселинка Малинска ги водел записниците на седниците, учествувал во подготвувањето на политичкиот реферат поднесен на Заседанието, избран за референт во поверенството за финансии при Президиумот на АСНОМ, а за повереник за финансии бил избран на Второто заседание на АСНОМ. Освен тоа бил избран и за член на АВНОЈ и заминал на островот Вис како претставник на Македонија во АВНОЈ. По ослободувањето на Белград на 20 октомври 1944 г. пристигнал во главниот југословенски град заедно со највисокото југословенско раководство на чело со Тито.

Киро Глигоров во периодот 1945-1989 г. извршувал значајни општествено-политички и партиски функции на сојузно ниво.

Во екот на распадот на поранешната федерација, неговото  повеќедецениското политичко искуство било добредојдено. Се вратил во Македонија и одиграл решителна улога во судбината на својата татковина. Најпрво се вклучил во работата на Комисијата за преобразба при ЦК на СКМ, околу концептите за реформирање на СКЈ и концепти од државно-правен аспект, а пред се околу изработката на стратегија за идна национална програма која би го трасирала патот на Македонија, за излез од југословенската криза.

По изгласувањето на Декларацијата за сувереност на државата Македонија на 25 јануари 1991 г., од повеќепартиското Собрание, бил избран за за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија (РМ) на 27 јануари 1991 г.

Од посебно значење била неговата улога во Собранието, за време на дебата околу распишувањето на референдумот во 1991 г., пред сé во дообјаснувањето на различните ставови и толкувања околу суверенитетот. „Ние сме држава, сме го прогласиле тоа со АСНОМ и зошто сега одеднаш повторно да прогласуваме државност? …. Јас сум еден од учесниците на Првото заседание на АСНОМ и на создавањето на таа држава. Ние навистина сакавме и донесовме такви акти, да бидеме самостојна и суверена држава, република…. но постои еден проблем, држави има многу, во исто така многу федерации…. меѓутоа ниедна нема меѓународно-правен субјективитет. Во моментот, нам тоа најмногу ни е потребно“

Како претседател имал клучна улога во процесот на осамостојувањето и конституирањето на самостојна Република Македонија. Согласно Декларацијата за сувереност на Македонија, до Комисијата за Уставни прашања, доставил предлог за пристапување кон измена на Уставот, со предлог за донесување нов Устав, кој концепциски бил базиран на неколку поставки: устав на самостојна и суверена држава, устав на граѓанска и демократска држава, устав на правна и социјална држава и устав за сожителство на македонскиот народ и народностите кои живеат во неа. Монетарното осамостојување е интегрален дел од процесот на осамостојувањето. Киро Глигоров се залагал за воведувањето на сопствена валута и изградување на сопствен монетарен систем, како темел за изградба на финансиска и даночна политика и база за реализација на сериозна програма за развој. Околу одбрамбеното осамостојување во вистинска смисла на зборот го оправдал епитетот „татко на нацијата“, пред се поради забраната македонските регрути да служат во редовите на ЈНА и виорот на војната да се прошири и на македонска територија. Во процесот на меѓународното признавање на РМ, по негово барање, РМ била  изземена од санкциите на ЕЗ, ООН и САД, во 1991 г., а во врска со документите на ЕЗ, Декларација за Југославија и Препораки за признавање на новите држави во Источна Европа и Советскиот сојуз покренал бурна дипломатска активност информирајќи ги европските државници за потребата од признавање на Република Македонија, бранејќи го правото да си го задржи уставното име.При приемот на РМ во членство во ООН како прв државен претставник одржал говор пред Генералното собрание на 7 април 1993 г.

Освен епитетот прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија, Глигоров го носи и епитетот прв Претседател на Република Македонија избран на непосредни Претседателски избори во 1994 г. со мандат од 5 години. Во текот на овој мандат на 3 октомври 1995 г., во Скопје, врз него бил извршен неуспешен атентат.

За успешното и конструктивно водење на државата и вештото регулирање на меѓународните односи на РМ, бил добитник на голем број меѓународни награди и признанија. По говорот на Универзитетот во Питсбург во САД во 1997 г., бил прогласен за почесен доктор на Универзитетот, а во Неапол,  Италија му била врачена Медитеранската награда за мир во 1998 г. По истекот на вториот претседателски мандат, се повлекол од активниот политички живот. Сепак, во воената криза во Македонија кога се обновил Форумот за Македонија 2001 г., активно се вклучил во неговата работа. Во 2001 г. ги објавил своите момоари „Македонија е сè што имаме“. Починал во Скопје на 1 јануари 2012 г.

Скопје 3 мај 2017 г.     

Проф.д-р Љубица Јанчева, Доц д-р Александар Литовски