Фунда Алицов-Млад Европски Амбасадор и Офтометрист од село Конче

Сподели:

Фунда (Реџеп) Алицов е млада и успешна жена која потекнува од село Конче. Има 22 години, а за неколку месеци ќе биде првиот офтометрист од оваа Општина. Инаку таа е и првиот млад Европски Амбасадор со корени од Конче (Young European Ambassador – титула со која се стекна во 2021 година). Пишува поезија на Македонски, Турски и Англиски јазик. Повод за овој разговор се нејзините успеси, но и традицијата која гордо ја негува.

ЗД: Основно училиште завршуваш во родното Конче, средно во Радовиш, а веќе си при крај со студиите по медицински науки на Универзитетот во Штип. Колку беше предизвик образовниот пат?

Фунда Алицов: Како Македонка со Турска националност која потекнува од рурална средина за мене беше голем предизвик да ги поминам едукативните скалила. Во селата најчесто има училишта кои се до петто одделение, а потоа  учениците треба  да се префрлат во општинската деветолетка или во училиштата од најблискиот град. Јас ја имав таа среќа да во моето село Конче има централно општинско основно училиште  “Гоце Делчев” каде завршив 9-то одделение. Програмата беше и на Турски и на Македонски јазик.

За жал како и во останатите рурални средини во Македонија се помалку има деца, поради миграцијата од село во град, па така се случува во иста училница наставата да ја следат и деца од прво и деца од второ и од трето одделение. Од пред неколку години во селото се отвори и детска градинка што е од голема помош за родителите кои се занимаваат со земјоделие. Спомените од школските денови ми будат радост бидејќи од тогаш ја развив својата љубов кон изучување на Англискиот јазик и пишувањето поезија. Средно училиште “Коста Сусинов” смер гимназија завршив во Радовиш. Едукативната промена од село во град јас ја прифатив како предизвик каде имав можност дополнително да завршам и некои  обуки и курсеви (член на Црвениот крст, на Младинскиот клуб, на здружението Круна Плус и т.н.) кои ми помогнаа понатаму во едукативниот процес. Иако можеби некои од родителите во руралните средини ја немале таа можност да завршат прв, втор или пак трет степен на образование, сепак работејќи цел живот со земја или стока прават многу, навистина многу за нивните деца да бидат образовани и со успешни кариери.

Јас си го сакам моето родно место и сум горда на своите корени. Чинам дека најдоброто школо го добив од дома, од моите најблиски. Го ценам многу трудот на моите родители кои не научија и мене и брат ми (Абдуллах) да си ја сакаме земјата, да ги почитуваме сите луѓе, да знаеме сами како да одгледаме храна (како од зрно пченица да направиш леб), како да помогнеме некому…

Мајка ми Султан е најмногу заслужна за љубовта која ми ја пренесе кон готвењето на храна, па така благодарение на неа станав вешта жена во правење на какви ти не слатки и солени специјалитети како од турската така и од македонската кујна.Особено вкусни освен кифличките кои се навистина меки како душа, обожувам да правам и Yurt tatlisi (баклава со јогурт). Одвечер младо сирење, јајца и гриз се мешаат, потоа смесата се пече во рерна и трипати се полева со шербет, треба да одстои една вечер, а следниот ден се конзумира.

Еве уште еден вкусен рецепт кој се подготвува специјално кога има веридба според нашата традиција: шербет пијалок (вода со шеќер, на која се додава црвена боја за храна и зачин каранфилче). 

Да си вреден, чесен, работлив научив од татко ми Ерџан со кој секоја слободна прилика ја користам да одам да берам тутун или да ги нахранам домашните животни (крави, кокошки, кучиња и мачки).

За време на студиите по оптометрија и очна оптика на универзитетот “Гоце Делчев” во Штип имав можност по моја желба да завршам и некои обуки и проекти организирани од Youth Council, USAID, UNSHM, Macedonian Civic Educational Center, Salzburger Festspiele, American Embassy, British Embassy, European Union, Erasmus+, OSCE, CHRCR, UNICEF, ACCESS и сл.

Благодарение на истите го усовршував Англискиот јазик и научив повеќе на теми како:културни разлики и сличности во Турција и во Македонија, разлики помеѓу христијаните и муслиманите, поддршка за развивање и вреднување на различностите, социо-емоционални вештини за решавање конфликти во образованието во раното детство, како да бидеме подобри младински амбасадори, креирање на проекти, спречување и намалување на последиците од катастрофи, заштита на животната средина и други.

ЗД: Освен едукативните и работните обврски на што друго посветуваш време и енергија, што ти го прави денот поубав?

Фунда Алицов: Се обидувам и навистина сакам да пишувам многу. Моите размислувања и емоции најчесто ги преточувам во поезија. Досега имам собрано доволно материјал за една поетска книга која се надевам дека наскоро ќе ја објавам. Кога можам учествувам и на поетски конкурси како во земјава така и надвор од неа. Бидејќи растев во природна средина со многу убави пејсажи многу често сакам истото да го доловам со фотографија или кратко видео со цел и другите да ги видат природните убавини од овој крај. Па така често на мојот Инстаграм ќе видите какви ти не полски цвеќиња, најразлични пеперутки, природни временски појави, домашни животни и храна. Инспирирана сум буквално од се: од прекрасните изгрејсонца, дождот, облаците па се до колачите направени по рецепти на мајка ми и баба ми и со некоја моја уметничка декорација. 

Веќе една година сум во брак со мојот сопруг Ердал и ме радува што заедно сакаме да патуваме, да уживаме во природните убавини на Македонија и на Турција. Заедно одиме и на концерти, во театар, на балетски претстави, во кино и на други културни настани кои ги нуди градот. Додека кога сме во нашето Конче уживаме во прошетки на езерото Мантово, паркот Едерлези или на другите излетнички места каде природата со сета своја раскош те мами да останеш подолго од планираното. Уживаме и во разговорите и полемиките на најразлични теми со мојот свекор Кемал (кој е и учител по професија).  

Селото има посебна магија особено во летниот период, природата таму е навистина волшебна. Златно-жолти полиња со тутун и пченица, ниви со зеленчук, овоштарници и лозја, природни извори со вода, звуците на животни прават да заборавиш на проблемите и обврските во тој момент.

Уживам да посветам и време на уредување на нашиот дом, па така со радост го креирам нашиот заеднички простор.

ЗД: Ти си пример за успешна млада жена која од рурална средина стана младински Амбасадор, а потоа и млад Европски Амбасадор. Која е твојата порака за нашите читатели?

Фунда Алицов: Верувајте во себе и секој чекор којшто ќе го направите по свој избор ќе ве донесе поблиску до остварување на вашата замисла, сон, желба.

Не е лесен секој пат што го одите но, многу е полесен кога знаете дека вашите родители, семејството, пријателите, соседите,  па дури и средината во која живеете ви се од огромна поддршка. Работете и учите за вас, за да може потоа вие со вашиот труд и знаење да помогнете некому. Ценете ги и бидете горди на вашите корени, потекло, род бидејќи тие се основата за се она што подоцна ќе бидете.

За време на мојот мандат како млад Европски Амбасадор успеав да се запознаам со Амбасадори од многу земји од Светот и сите тие обожуваат да одат и посетат некое рурално место во Македонија, да дознаат некој обичај од селаните или пак да пробаат нешто кое никогаш во своите земји не го вкусиле.

Најдете време и вие да посетите некое село во нашата прекрасна Македонија, научете некој занает, бидете активни физички тоа е добро за вашето здравје (ако немате можности за вежби во теретана), тогаш слободно дојдете на нива ем ќе направите добро дело – ќе помогнете на некој земјоделец, ем ќе го видите начинот на обработување на земјата, а како благодарност ќе имате можност да пробате домашно млеко од крава или коза, да пробате овчо сирење, кисело млеко или урда, домашни јајца од кокошки, природен мед и маџун, да се напиете природен чај или сок од вишни и што ти уште не…

Навистина би сакала нашето село и општината Конче да имаат повеќе свои доктори, учители, инженери…

ЗД: Кои се твоите планови по завршување на студиите?

Фунда Алицов: Се надевам дека дипломата ќе ја земам следната година. Во меѓувреме одам на пракса, стажирам и учам многу, не само од книгите туку и од луѓето, особено од постарите полни се со какви ти не мудрости и животни искуства.

Би сакала да запишам специјалистички студии за контактни леќи (контактологија). Најголема желба ми е потоа да се вратам дома во моето Конче и да можам да им помогнам на жителите да го подобрат својот вид како успешен  офтометрист.

Не заборавајте дека убавината е насекаде околу нас и во нас. Ако со очите гледаме добро во себе и кај секого, нема да има никакви разлики меѓу луѓето, ниту национални, ниту верски, ниту родови, ниту пак политички. 

Марија Костовски, Продукција Златен Заб

Сподели: