Позната како РАШЕЛА, радио и тв водителка, професионалец во својата работа.
По професија шумарски инженер, пишуваше критики и текстови за театарски претстави, живееше во Лондон, а во Македонија оствари и повеќе годишно работно искуство во еден телекомуникациски сервис зборувајќи на Англиски јазик.
ЗЛАТЕН ЗАБ: На медиумите се појавивте во 1993 година во емисијата “Звон” на МТВ, а како тв водител се појавивте и во емисиите за деца “Распеан телефон” (заедно со Џокси), “Сезаме отвори се” и други. Ја водевте и првата детска Евровизија во Македонија. Што значи за вас оваа медиумска куќа?

РАШЕЛА ГИНОВА-КАРАФИЛОСКИ: Имав среќа да добијам работа во призната и успешна телевизиска куќа, што ми овозможи многу можности. Македонската Радио Телевизијата – првиот национален сервис, може да се пофали со одличен уреднички кадар и професионални стандарди, благодарение на што програмата за деца и емисиите за најмладите на МРТВ со децении се најгледани во Македонија. Имам можност да учам од најдобрите, а со таква средина, упорност, труд и работа, напредокот е загарантиран.
Од културно-уметничката програма, преку забавната, детската и ЕПП, 7 години работа како ТВ водител поминати на малиот екран ми донесоа многу радости и слава. Веќе 13 годни работам како радио водител во Радио 2 при МРТВ, а сега повторно сум на ТВ екраните во истата тв куќа со нова попладневна емисијата. Имаше голема пауза со моето појавување повторно пред камерите, но кога сте учеле од најдобрите, се чини дека секогаш можете да се вратите таму од каде што сте започнале.
ЗЛАТЕН ЗАБ: На многумина сте омилена радио водителка. Со своите зборови сликате подобро отколку уметник со четка. Како го одбравте радиото како работен предизвик?
РАШЕЛА ГИНОВА-КАРАФИЛОСКИ: Треба да ја вежбате вашата новинарска реченица.

Обидете се да насликате слика од вашата соба со зборови. Погрижете се реченицата да биде прецизна и јасна. Постојано велам – нема враќање назад на радиото. Она што сте го слушнале – сте го слушнале! Ако не сте биле јасни, сте работеле залудно. Ако продолжите предолго, слушателите ќе заборават кога сте почнале. Кога разговарате со луѓе, научете да ги слушате – тоа е најважното нешто! Зборовите и гласот се како инструменти. Можете да ги користите за да создадете атмосфера и да насликате слика. Бојата на вашиот глас е многу важна: каква боја сликате, какво темпо давате, колку срце… Радиото е интересно затоа што создавате слика за луѓето со вашата приказна. Телевизијата е слика сама за себе.
2012 година дојдов на аудиција за водител на радио емисија. Одбрав друга димензија со поинаква тежина како работа во медиум. Од тоггаш па наваму имам целосна поддршка од мојот уредник Зоран Мирчевски. На Радио 2 работам како водител и уредник на авторски емисии “Ритамот на денот“ и “Заводлива квечерина“.
Најважниот, најсаканиот сегмент од мојата радиска кариера е авторската емисија “Заводлива квечерина“ која воедно им е и една од најомилените емисии на нашите слушатели. Емисија за љубовта, соништата и недостигот. За сите што ги сакавме и ги сакаме.
ЗЛАТЕН ЗАБ: Што вклучува подготовката на радио емисија?
РАШЕЛА ГИНОВА-КАРАФИЛОСКИ: Радио новинарството има свои особености. Секој медиум е различен, па затоа и пристапот кон работата е различен. Честопати обработувате теми што не ви се премногу блиски, па затоа подготовката е подолга, но е неопходна.

Работам многу години, но до ден денес се подготвувам за секоја емисија како да ми е прва во животот. Иако нешто непланирано често може да „излета“ во емисиите во живо, кои најмногу ги сакам. Искрено, не сакам да снимам, да монтирам, да корегирам нечија конфузија и да правам фризури. Радиото е медиум на моментот, тоа е таму за да ви понуди реалност, момент, чувство, емоција, да ве налути или радува, но какви и да се емоциите што ги буди во вас, значи дека го чувствувате тоа и живеете со него. Го следам текот на времето, затоа што радиото се менува, затоа што пристапот кон публиката се менува, затоа што потребите на слушателите се различни.
ЗЛАТЕН ЗАБ: Оваа (2025) година стартувавте со нов тв проект во вашата матична тв куќа. Што се имаат можност гледачите да видат и што ново видовте вие?

РАШЕЛА ГИНОВА-КАРАФИЛОСКИ: Враќањето на МТВ 1, ми донесе нова енергија и уште поголемо задоволство во работата. Мотивацијата што ме инспирираше да бидам повторно Рашела од ТВ екраните, по што луѓето намногу ме препознаваат. 2025 навистина ми донесе многу радости. Секој четврток работам на емисијата “Наш подиум“. Станува збор за попладневна емисија, во која како домаќин на денот имам можност да запознаам луѓе што ги знам, а не ги познавам, ха ха. Оваа година ми се вратија некои многу драги луѓе – незаборавени, туку оддалечени, пресреќна сум што сме повторно блиски. Професори, уметници, музичари, доктори… Во оваа емисија не сум запознала гостин кој не заслужил да биде дел од програмата. Фасцинирана сум од профилот на луѓе и нивните вредности. Ние, можеби навистина не знаме колку во секој поглед посебен народ живее во Македонија.
Имам голема поддршка од уредничката Мери Попова и целата екипа која работи на оваа емисија.
ЗЛАТЕН ЗАБ: Секако има многу што да се каже за предизвиците, но и за убавината на новинарската професија. Самата професија носи одредени специфичности, од работното време, балансирањето на семејниот живот со работата, до бројните средби, познанства и патувања. Како тоа изгледа денес, во вашиот случај?
РАШЕЛА ГИНОВА-КАРАФИЛОСКИ: Важно е да бидете добро организирани во оваа работа, како и во секоја друга. Да бидете подготвени да правите жртви, но најважно е да ја сакате својата работа. Гледачите и слушателите добиваат претстава за тоа кој ја работи оваа работа за да биде платен на крајот од месецот, а кој ја работи од љубов.

Работите во МТВ и Радио 2, успевам да ги координирам секако и со поддршка на колегите од радио2 и сите колеги од културно – забавната редакција на МТВ. Радио 2 во душата, МТВ во срцето, така некако изгледа мојот работен ден…
Во брак сум веќе 11години. Мајка сум на 9 годишната Мишел, која најмногу сака музика и танц, но се чини дека најповеќе и лежи спортот. За жал како дел од генерацијата алфа и мојата Мишел, поминува дел од денот пред мобилните уреди, за што во секоја прилика се обидувам да противречам, ограничувам и спречувам…
ЗЛАТЕН ЗАБ: Што би сакале да им порачате на идните радио и тв водители и новинари, на оние кои би сакале да го одберат вашиот животен повик?
РАШЕЛА ГИНОВА-КАРАФИЛОСКИ: Бидете трпеливи во стекнувањето знаење и искуство, ништо добро не може да дојде преку ноќ и само преку искрен труд и работа може да се постигне успех. Кога станува збор за работа во медиуми, најважно е меѓусебното почитување, разбирањето, соработката и ценењето. Имам одлична соработка со моите колеги и ги почитуваме меѓусебните предлози. Внимателно ги избираме темите. Мислам дека најважно е да го сакате она што го работите. Новинарството е навистина прекрасна професија која нуди многу, но исто така бара многу труд, време и жртва. Не е лесна работа, но ако ја сакате и ако планирате да ја работите, дајте се од себе. Ставете го вашиот личен печат на она што го работите и успехот е загарантиран.
Интервју Марија Костовски, Златен Заб


