Интервју Текстови

Гоце Стојановски: КИЦ Романса-Македонска Каменица со богата културна и едукативна содржина

Сподели:

 

ДЕНЕС: Колку долго функционира КИЦ Романса во Македонска Каменица и кои се моменталните активности?

СТОЈАНОВСКИ: КИЦ Романса функционира од 1995 година, основана со одлука од Советот на Општина Македонска Каменица Истата функционира речиси успешни 27 години, со многубројни активности во изминатите години.

 

 

КИЦ Романса оваа година организираше голем број настани од едукативен карактер, пред се за најмладите ученици од нашето училиште, детски претстави, филмови, голем број ликовни и литературни работилници, изложби на ликовни дела каде во моментот се изложени делата на поголем број ликовни уметници од Македонија и регионот. Покрај изложби моментални активности се филмови за деца и за поголемите генерации, промоција на книги и ликовни дела на роднокрајни автори, театарски претстави и стенд ап шоу каде за неколку денови (17 Октомври) го имаме најголемото балканско стенд ап шоу во соработка со Продукција Златен Заб од Скопје, каде ќе настапат Хазим Мујчиновиќ од Тузла, Срѓан Слијепчевиќ од Зрењанин, Јагода Јовановиќ од Белград и Ивана Наскова од Скопје, како и концерти на познати групи од Македонија.

 

 

Од претходниот месец започнавме и за првпат со курсеви по глума каде голем број на млади веќе активно учествуваат во истиот, имаме активно во моментот фолклорна група која се подготвува за поголем број манифестации во Македонија и странство. Така да голем број активности имаме во моментот кои се реализираат.

ДЕНЕС: Центарот за култура е важен за вашите сограѓани. Дали и во која мера младите се заинтересирани за посета на културните активности? 

СТОЈАНОВСКИ: Овој центар за култура е многу важен пред се за најмалата и најмладата популација од Општина Македонска Каменица, но и за возрасните граѓани. Морам да потенцирам дека, за жал, слаба е посетеноста од нивна страна, но се надевам, дека со тек на времето истите ќе ги привлечеме со прекрасни настани. За најмладите е доста важно бидејќи секое слободно време го поминуваат во центарот преку курсеви, едукативни настани, гледање на детски анимирани и тинејџерски филмови за повозрасните и со фолклорната група со подготовки за настапи.

 

 

ДЕНЕС: Со поседбно внимание сте посветени и на најмладите организирајќи разни театраски претстави за деца, ликовни конкурси, работилници и сл. Што да очекуваат кон крајот на годината?

СТОЈАНОВСКИ: Како што напоменав, најмогу внимание посветивме за најмладите преку ликовните конкурси кои беа реализирани до крајот на претходната учебна година, работилници кои се уште активни заедно со курсевите. Кон крајот на годината не очекуваат уште многу други едукатвни работилници со детски поети и сатиричари од Македонија, детски анимирани филмови, претстави за деца, промоции на книги на роднокрајни автори и уште многу други активности.

ДЕНЕС: Освен учества на македонски културни уметници, имате и гости од регионот. Дали се доволни финансиските средства кои ги имате за да се реализираат сите замислени проекти и содржини?

СТОЈАНОВСКИ: Во Општина Македонска Каменица имаат настапувано голем број на македонски културни уметници од повеќето области, како во домот на Културата така и на Градскиот плоштад, голем број музички уметници и од регионот во изминативе неколку години.

 

Финансирањето на КИЦ Романса е преку годишна програма за култура која ја донесува Советот на Општина Македонска Каменица. Во самата програма имаме обезбедено средства за помалите, но и поголемите настани кои ги организраме заедно со покровителство на Рудник Саса од Македонска Каменица, кои се и главни спонзори за најголемата манифестација во Општина Македонска Каменица, Каменичко Културно Лето 2022 година.

ДЕНЕС: Неодамна заврши и манифестацијата Каменичко културно лето. Колку сте задоволни од годинешната програма?

СТОЈАНОВСКИ: Во периодот од 7 до 9 октомври 2022 година се одржа Манифестацијата Каменичко Културно Лето 2022 година, која што беше одложена поради трагичен настан во општината и истата требаше да се реализира во периодот од 26 до 28 август, за празникот на Рударите и празникот на Општината Покров на Пресвета Богородица.

 

 

Задоволни сме од самата организација од локалната самоуправа на Општина Македонска Каменица и најголема благодарност до покровителот Рудник Саса, каде што имаше илјадници посетители од повеќе градови од Македонија. На манифестацијата учествуваа фолклорни групи од Р. Бугарија и од Македонија, голем број на македонски музички групи како Нокаут, Љубојна, Ареа, Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд и еден од познатите балкански музички ѕвезди Петар Грашо. Покрај музичко сценската дејност на 9 октомври организиравме спортски активности како велосипедска трка “Tour the Kalimanci lake”. Трката околу Калиманско Езеро и “Kamenica night run”, вечерна трка низ улиците на Македонска Каменица на кои имаше голем број учесници од другите градови од Македонија.

ДЕНЕС: Кои се вашите планови за наредниот период?

СТОЈАНОВСКИ: Да продолжиме со високо темпо со музичките манифестации, како и зголемување на настаните кои се од рекреативен и едукативен карактер, пред се за најмладите од општина Македонска Каменица. Да продолжиме со прекрасната бајка и да ја направиме Општина Македонска Каменица убаво и модерно општество за живеење.

Сподели: