Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, вчера оствари работна средба со амбасадорот на Република Австрија, Н.Е. Мартин Памер.
На средбата беше потврдена одличната соработка помеѓу нашите две пријателски земји вклучително и соработката помеѓу министерствата за внатрешни работи и заедничката посветеност кон остварување на регионалната и глобалната безбедност.

Како надоврзување на вчерашниот состанок во ЦУК една од главните теми на разговор беше реформирањето на системот за управување со кризи, а амбасадорот Памер го образложи тековниот проект за соработка на противпожарните служби меѓу областа Тирол, Австрија и неколку македонски општини, од кои главни носители на проектот се општина Крива Паланка и општина Куманово. Проектот има за цел реформирање на целокупниот систем за управување со кризи преку разграничување на надлежностите на ЦУК и ДЗС, како и подобрување на одговорот на противпожарните служби на ниво на цела држава особено при справување со шумски пожари.
„Ги разгледавме заедничките чекори во борбата со криумчарењето на луѓе и илегалната миграција, против тероризмот и сајбер криминалот како едни од приоритетните области. Од останатите развојни проекти, беше споменат и проектот за развој на планинскиот туризам во Македонија, чиј поддржувач и промотор е амбасадата на Република Австрија. Разговарано беше за активностите преземени во рамки на овој проект, чија цел е развој на австриско-македонското пријателство, а и промоција на македонските планини и туризам. Промената мора да започне од нас и дека сè се може кога постои волја.“, потенцираше министерот Тошковски.
