Уставен ќе одлучува по пет иницијативи за дискриминирани пензионери кои живеат надвор од државава

Сподели:

Денеска, Уставниот суд ќе ја одржи 5. седница со Дневен ред на кој ќе се дискутира по седум предмети за оценување на уставност и законитост на одредбите поврзани со т.н. линеарно зголемување на пензиите, од кое се исклучени пензионерите кои живеат надвор од Република Северна Македонија.

Пред Судот се доставени пет иницијативи со кои подносителите сметаат дека ограничувањето на зголемувањето само на пензионерите кои пензијата ја примаат во државава е дискриминација врз основа на местото на живеење, односно местото на исплата на пензијата.

-Иницијатива поднесена од Игорчо Точев од Скопје – ограничувањето на исплатата на зголемувањето од 2.500 денари само за пензионерите кои ја примаат пензијата во државата претставува нееднаквост. Според него, пензијата е право стекнато врз основа на работен стаж и придонеси, а не според географската локација на живеење.

-Иницијативата поднесена од Љубомир Сандевски, кој живее во Словенија. Тој тврди дека измените предизвикуваат трајно финансиско оштетување на осигурениците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, бидејќи пензионерите во странство би биле исклучени од идните усогласувања на пензиите, вклучително и она од март 2025 година.

-Темелко Ристески од Скопје, подносител на иницијативата, смета дека оспорените одредби се спротивни на повеќе уставни начела, меѓу кои еднаквоста на граѓаните пред законите и владеењето на правото. Според него, на овој начин индиректно се ограничува и слободата на движење на околу 12.000 пензионери, бидејќи се создава нееднаква положба меѓу лица со ист пензионерски статус.

-Иницијатива поднесена од Кире Батев, кој живее во Германија, наведува дека целиот работен век го поминал во Македонија и редовно плаќал придонеси, но поради живеење во странство е исклучен од линеарното усогласување на пензијата, што, според него, претставува дискриминација.

-Петтата иницијатива е поднесена од Народниот правобранител на Република Северна Македонија, по повеќе претставки од граѓани кои живеат надвор од државата. Во неа се наведува дека засегнатите пензионери укажуваат на нееднаква положба, бидејќи се изземени од исплатата на предвидените покачувања на пензиите иако го имаат истото право на пензија како и корисниците кои живеат во земјата.

Сподели: