Вести Македонија Текстови Ударни вести

24-та седница: Стопирање на владини реклами, контрола на здравствените установи, користење на ИПА фондовите

Сподели:

Владата на Република Македонија на денешната 24 седница, донесе заклучок да му предложи на Собранието на Република Македонија да го огласи именувањето на Јавен обвинител на Република Македонија, согласно член 41 од Законот за Јавното обвинителство, со оглед на тоа што досегашниот јавен обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски е разрешен од страна на Собранието на Република Македонија, на седницата, одржана на 17 август 2017 година.

Владата денеска ја усвои мерката од Планот 3-6-9 која се однесува на стопирање со владините реклами на комерцијалните радиодифузери и печатени медиуми, билборди, интернет портали (со исклучок на социјалните медиуми) и пренесување на комуникацијата со граѓаните преку јавниот радиодифузен сервис. Согласно оваа мерка Владата на РМ донесе заклучок според кој се задолжуваат сите органи на државната управа, им се укажува на институциите кои немаат статус на органи на државната управа и им се препорачува на единиците на локалната самоуправа да престанат да емитуваат, односно рекламираат кампањи/спотови на платен простор во електронски комерцијални радиодифузери – телевизии и радија, дневни и неделни весници, билборди, интернет портали, со исклучок на социјалните медиуми, согласно усвоената мерка од Планот 3-6-9.

Пред владините министри денеска беше презентирана и информацијата за искористеност на ИПА програмите. Владата им препорача на министерствата и на другите владини институции кои имаат пристап до овие фондови да ги преземат сите потребни активности со цел навремено аплицирање и користење на овие финансиски средства.

На денешната, 24-та седница, Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за потребата од ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција).

Владата го разгледа и прифати Акцискиот план за Проектот „Контрола на здравствените установи од страна на Фондот за здравствено осигурување на Македонија со цел еднаков квалитет на здравствената услуга за секој граѓанин секаде во Македонија“, за период јули-декември 2017 година.

Сподели: