Аневски си поднесе оставка, Спасовска в.д. јавен обвинител

Сподели

Досегашниот претседател на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски, денеска изјави дека се повлекува од оваа функција од лични и од семејни причини, без да образложи повеќе детали за ваквата одлука.

Тој додаде дека неговата оставка од функцијата претседател на Советот нема никаква поврзаност со другите повлекувања на функционери што се случија во овој период. Инаку, Аневски се повлекува само од функцијата претседател, а понатаму останува член на Советот на јавни обвинители.

Пред да го соопшти ова, тој ја извести јавноста дека на денешната седницата е избрана Лилјана Спасовска за вршител на должноста државен јавен обвинител и дека таа ќе остане на таа позиција до изборот на нов државен јавен обвинител.

Советот ќе ја разгледува неговата оставка на седница вo четврток. Аневски третпат беше реизбран за претседател на Советот на јавни обвинители, во септември минатата година, и имаше уште една година мандат на оваа функција.