5. јуни е Светски ден на животната средина – Да ја зачуваме биолошката разновидност и природните екосистеми

Сподели

 

5 Јуни е Светски ден на животната средина и оваа година меѓународната заедница го посвети на заштита на биолошката разновидност повикувајќи на акција против забрзаната загуба на видовите и деградацијата на природниот свет. Велиме, „Време е за природата“ бидејќи еден милион растителни и животински видови исчезнуваат, главно како резултат на човечки активности. Биолошката разновидност игра клучна улога во одржување на функционалноста на екосистемите со што се обезбедуваат конкретни добра и услуги од пресудно значење за човекот. Обезбедување здрава храна, вода, лекови и чист воздух се само некои од основните услуги, веројатно познати на секој човек, што ги добиваме од екосистемите. Самите процеси што се одвиваат во нив имаат благотворно дејство врз човекот – го штитат од поплави, ерозија, климатски промени. На крај, нешто непроценливо што му се нуди на човештвото, а не може да постои доколку нормалното функционирање на екосистемите е нарушено од какви било фактори, е можноста да уживаме и да се рекреираме во природата. Сите промени што влијаат врз биолошка разновидност, автоматски влијаат и врз функционалноста на екосистемите, а со тоа и врз човековата благосостојба.

Како се развиле нашите економски системи и какво е нивното влијание врз животната средина се прашања кои светот не може да ги избегне дури и додека се справуваме со пандемијата на коронавирус и тековната климатска криза.

И Министерството за животна средина и просторно планирање преку Секторот за природа интензивно работи на заштита на природата, преку заштита на биолошката и пределската разновидност и заштита на природното наследство во заштитени подрачја и надвор од нив, како и на заштита на природните реткости.

И покрај тоа што нашата држата поседува значаен геодиверзитет и биодиверзитет кој е резултат на разновидноста на релјефот, климатските, еколошките, хидролошките и педолошките карактеристики уште поважно е да преземеме навремени акции за нивна заштита бидејќи во спротивно неконтролираните човекови активности ја нарушуваат природната рамнотежа и се директна причина за многу несакани појави.

Биолошката разновидност во РСМ се карактеризира со богатството и хетерогеност на видовите и екосистемите и високок степен на реликтност и ендемизам. И покрај фактот што диверзитетот на флората и фауната во нашата држава сѐ уште не е целосно проучен, сепак, според расположливите сознанија, покажува огромно богатство – над 23.019 таксони од кои 2.095 видови алги, 2.000 видови габи, 450 вида лишаи, 3.200 васкуларни растенија и 500 видови мовови, 13.379 безрбетни животни и 555 вида рбетни животни.

А Законот за заштита на природата, Националната Стратегија за заштита на природата со Акционен План (2017-2027) и Националната стратегија за биолошка разновидност со Акциски План (2018-2023) се основните акти во чии рамки ги трасиравме правците на заштитата и постигнување на поставената цел. И уште повеќе работиме на тоа до 2020 година, да се зголеми процентот на заштитени подрачја од сегашните околу 9% до 11,5% од целата територијата на државата, како и исполнување на Аичи глобалната цел 11 од Конвенцијата за заштита на биолошката разновидност да се зголеми површината на заштитени подрачја до 15%, да се обезбеди нивно функционално поврзување како еколошка мрежа и да се воспостави ефективно управување со заштитените подрачја во соработка со локалните заедници.

Таа работа резултираше со изработка на студии за валоризација на природните вредности на Шар Планина, Осоговски Планини, Преспанско Езеро, Водно и НП Пелистер.  Во тек е изработка на Студија за Ченгино Кале на Малешевските Планини и дополнување на студијата за Студенчишко Блато.

Изготвена е Националната Црвена листа, со податоци од извршените проценки и конзерваторски статус за сите 46 водоземци и влекачи на национално ниво и за 14-те васкуларни растенија.

Изготвено е Досие за номинација на локалитетот Длабока Река во НП Маврово на Прелиминарната листа на УНЕСКО за старите букови шуми. Досието е доставено до Светскиот центар на УНЕСКО во Париз.

Во соработка со невладиниот сектор изготвена е предлог апликација за номинација на Охридско Езеро и Студенчишко Блато на Листата на Рамсарската Конвенција. Во тек е нејзино институционално усогласување. Исто така, без оглед што сеуште немаме статус на земја членка на ЕУ ние интензивно работиме на подготовката на инвентар за идентификација на идни потенцијални Натура 2000 подрачја.

И токму, по повод 5 Јуни, од страна на IUCN одобрен е гранти во најскоро време ќе започне  изработка на Студија за валоризација и Нацрт-План за управување со Споменикот на природата Охридско Езеро, како и Нацрт-План за управување со идниот Национален парк Шар Планина.Проектот ќе биде спроведен од страна Регионалната канцеларија на Меѓународната унија за заштита на природата за Источна Европа и Централна Азија (IUCN ECARO) во соработка со МЖСПП и УНЕП, а со учество на  меѓународни и национални експерти.

Останува сите општествени чинители на национално и локално ниво, вклучувајќи го граѓанскиот сектор, училиштата и секој поединец да преземат акција за ревитализација и заштита на природните екосистеми, бидејќи Време е природа!