Вести Македонија Ударни вести

Агатангел до Мицкоски: Не ве наведувам да земете пушка во рака и да појдете в планина – повикајте на бојкот на референдумот

Сподели:

Епископот во МПЦ, митрополитот Агатангел бара од ВМРО-ДПМНЕ да го бојкотира референдумот за името. Во отворено писмо до лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, владиката пишува:

„Вие, г. Мицковски, ја имате таа шанса и таа историска одговорност, да бидете водачот на народот, кој без патетично калкулирање и политизирање, ќе застанете во првите редови на македонскиот национален непокор. Македонскиот народ во моментов нема многу опции на располагање. Нему му преостанува единствено можноста самиот да се организира и да го спречи обидот за негово целосно уништување. Ова е клучниот историски момент за ВМРО – ДПМНЕ и за Вас како нејзин претседател, да покажете дека сте вистински наследници на историското ВМРО. Ова не значи дека Ве наведувам да земете пушка во рака и да појдете в планина. Тоа никако не е целта на моето обраќање кон Вас. Секој кој барем малку трезвено размислува, знае дека на ваквата сила која се има надвиснато над нашите глави со сила не можеме да ѝ се спротивставиме“, му порачува тој на Мицкоски.

„Бидете и Вие на правата страна и отворено пред целиот свет и пред сета македонска јавност повикајте на бојкот на наместениот референдум кој во блиска иднина ни се спрема за да ја оддува Македонија и македонскиот народ. Само на тој начин ќе покажете дека Вашите корени се насадени на принципите на славното ВМРО. Секогаш имајте предвид дека ВМРО не е затворено во некаква зграда и накитено со статути и програми. ВМРО е душата на македонскиот народ, односно искрата која го потпалува народниот стремеж за сесрдна борба против неправдата“, додава тој.

Социолог Ѓорѓи Тоновски оценува дека испратеното писмо до ВМРО е злоупотреба на статусот на МПЦ.Oва не е првпат владиката Агатантел да изразува политички ставови. Тој неколку пати се противеше на промена на уставното име, а зема и учество на протестите кои се организираа против преговорите со Грција.

Сподели: