Агенција за вработување: Во период од 11 март до 30 април, нови 8.160 невработени

Сподели

 

Во периодот 11.03 – 30.04.2020 година во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, по основ на прилив од работен однос, се евидентирани 8160 невработени лица, известуваат од таму.

Од вкупниот прилив на невработени лица од работен однос, според основот на престанок, 4279 лица (52,4%) се поради истек на определено време, 1987 лица (24,4%) се поради спогодбен престанок на работен однос, 853 лица (10,5%) се поради отказ од работодавач, 597 лица (7,3%) се поради отказ од страна на работникот, 199 лица (2,4%) се поради отказ од деловни причини (технолошки, економски, организациони и слични промени), 68 лица (0,8%) се поради стечај – ликвидација, 37 лица (0,5%) се поради престанок на дејноста на работодавачот, а останатите 140 лица (1,7%) се поради други основи на престанок (записник од Државен инспекторат за труд, судска пресуда и сл.).

Според претежната дејност на работодавачот, најголем дел од приливот на невработени лица од работен однос е од преработувачката индустрија (2804 лица или 34,4%), од дејноста трговија на големо и трговија на мало (1705 лица или 20,9%), како и од дејноста објекти за сместување и сервисни дејности со храна (1243 лица или 15,2%).

Според школска подготовка на невработените лица, најголем број се со завршено средно образование и непотполно средно образование (4884 лица или 59,8%), без образование и со основно образование се 2142 лица (26,3%), а со вишо и високо образование се 1134 лица или 13,9%.

Според возраста на лицата, најголемиот дел се на возраст од 30 – 49 години (3973 лица или 48,7%), на возраст до 29 години се 2149 лица (26,3%), а на возраст над 50 години се 2038 лица (25%).

Воедно, во изминатиот период (11.03 – 30.04.2020 година) во Агенцијата за вработување се поднесени приближно 3900 барања за остварување на право на паричен надоместок во случај на невработеност. Од нив, досега позитивно се решени 1800 барања, 100 барања се одбиени поради неисполнување на условите за остварување на ова право, а во тек е обработка на останатите барања.