Вести Македонија Ударни вести

Ако се укине летното и зимското сметање на времето, Македонија ќе ја следи ЕУ

Сподели:

Усвоениот предлог за укинување на летното и зимското сметање на времето од страна на мнозинството пратениците во Европскиот Парламент, допрва треба да чека на одлуката на Европската Комисија која треба да ги согледа предностите и последиците од ваквата евентуална промена. Различните размислувања меѓу членките на Унијата кои се за или против оваа можност, може да предизвика сериозни поместувања на единствениот европски пазар, но доколку се одлучи да се примени ваква одлука, логично би се наметнала потребата да се размислува и за покренување на ваква иницијатива кај нас.

– Првичното размислување во однос на поддршката за укинување на летното и зимското сметање на времето и во Македонија, доколку истото се случи и во ЕУ, гледано од аспект на стопанството, ја темелиме на податокот дека земјите членки на Европската Унија се наши најголеми надворешно – трговски партнери, со учество од 81 отсто од нашиот извоз во ЕУ и за редовно, навремено одржување на бизнис релациите, покорисно би било да не постои временско разидување, односно да ја имаме истата позиција како и досега – велат од Стопанската комора на Македонија.

– Доколку дојде до позитивна одлука од страна на ЕК, а истата не се примени и кај нас, во прв налет можни се одредени последици од економски, односно трошковен аспект, прво во областа на транспортот, преку пореметување на утврдените возни редови, усогласување на софтверските решенија кои се применуваат во надворешно трговското работење, итн. Секако, треба да се направи соодветна анализа од повеќе аспекти, во поширок круг на дејности,за да може однапред да се предвиди влијанието од ваквата мерка. Ако таа се покрене и кај нас, Стопанската комора на Македонија ќе направи соодветно анкетно истражување меѓу своето членство за да ги види евентуалните позитивни или негативни укажувања – велат од Комората.

Сподели: