Алијанса не се откажува од Министерството за здравство

Сподели

Лидерот на Алијасната на Албанците, Зијадин Села, по денешната средба со премиерот Зоран Заев изјави дека партијата останува на своите ставови и сака и натаму да го задржи министерското место во здравство.
Села не кажа дали  ќе излезат или ќе останат во владината коалиција, објави Алсат М.

-Имавме средба со премиерот. Јавноста веќе е запознаена за што се работи. Ние остануваме на нашите ставови дека нема да прифатиме позиции кои  се токмат преку ноќ и да се омаловажува Алијансата за Албанците. Такво нешто нема да прифатиме. Му дадов предлог на премиерот да стокми уште една позиција за што би било заменик премиер за носење бурек и после таа позиција ќе и ја дадам на ДУИ за да именуваат некој нивен министер. Ние остануваме на нашите ставови  дека ќе го држиме Министерството за здравство  и нема да правиме договори и наддоговори. Договорот за формирање Влада е направен кога се направи Владата, изјави Села.

Лидерот на Алијансата на Албанците кажа дека поранешниот министер за здравсто, Арбен Таравари, кој е од Алијансата на Албанците, со успех и правилно менаџирил со ова министерство.

Села не кажа што му одговорил Заев на ова негово барање и посочи одговорот да го побараме од премиерот.Тој не кажа дали Алијансата на Албанците останува во Владата или не, туку рече дека тие остануваат во процесите на реформи и оти ќе продолжат да ги поддржуваат.

–   Бевме главни актери во падот на режимот и уште ќе бидеме фокусирани и остатоците од тој режим, кои се останати во оваа Влада, да сносат одговорност пред лицето на правдата, рече Села, додавајќи дека правдата е целосна ако се однесува на сите.

Уште еднаш потврди дека кандидат на Алијансата на Албанците за министер за здравство е Вулнет Ферати.
На прашањето што доколку Заев испрати предлог до Собранието со името на министерот за здравство што веќе беше објавено,Села рече дека тогаш Алијансата на Албанците ќе заземе став по тоа прашање и како се однесува кога ќе биде испратен предлогот.

– Се надеваме дека предлогот за министер за здравство ќе биде од Алијансата на Албанците бидејќи на таков начин премиерот ќе се покаже сериозен и ќе докаже дека не потклекнува под притисоци кои некој му ги прави за да игра политички игри, рече лидерот на алијансата на Албанците.