Министерот Алиу ги презентираше стратешките приоритети во здравството за периодот 2024 – 2028, и посебно се осврна на оптимизација и функционална реорганизација на здравствениот систем, со цел регионално балансиран и еднаков пристап до здравствените услуги за сите пациенти.
– Како Влада сме фокусирани на континуирана едукација и трансфер на знаење на медицинскиот персонал, со ангажирање врвни странски експерти за едукација на нашиот кадар, во насока на воведување нови дијагностички и терапевтски методи, потенцираше Алиу.
Тој се осврна и на националната здравствена стратегија за млади лекари, чија цел е подобрување на условите за работа и финансиска стимулација за спречување на одливот на младите лекари.
– Во следниот период активно ќе работиме и на развој и имплементација на стандардизирани болнички процедури за квалитетна и безбедна здравствена заштита, односно стандардизирани патеки за упатување на пациентите со цел намалување на неоправданите упатувања од едно на друго ниво на здравствена заштита. Исто така, еден од приоритетните проекти е и Националниот систем на парамедици, како дел од Итната медицинска помош, со што дополнително ќе го зајакнеме одговорот на здравствениот систем во итни случаи, заклучи Алиу.
Тој се осврна на стручните упатства за практикување на медицина базирана на докази, унапредување на Националниот здравствен информативен систем во рамки на дигитализацијата на здравството и имплементација на меѓународни стандарди (“здравство без хартија”) и национален интероперабилен слој за е-здравство.


