Вести Македонија Ударни вести

Анкета: 42,6% не ја оправдуваат одлуката на МПЦ-ОА да побара од БПЦ да и биде мајка-црква

Сподели:

Двете најголеми верски заедници МПЦ-ОА и ИВЗ имаат големо влијание врз политиката, покажува истражувањето „Религија-Политика-Општество: Влијанието на Религијата во Политиката и Општеството” на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во соработка со Институтот за Политички истражувања-Скопје и молитвеникот за информации Религија.мк.

Поголемиот дел од анкетираните – 42,6 отсто не ја оправдуваат одлуката на МПЦ-ОА да побара од БПЦ да и биде мајка-црква, додека овој потег на МПЦ го поддржуваат 35,4 отсто од граѓаните.

Високи 89,1 отсто од граѓаните сметаат дека МПЦ-ОА не треба да отстапи од барањето за автокефален статус, а 42,1 процент сметаат дека Српската православна црква (СПЦ) треба да биде првата црква која ќе го признае автокефалниот статус на МПЦ-ОА наспроти 18,6 отсто кои сметаат дека тоа треба да биде бугарската.

На прашањето, дали има и колкаво е влијанието на МПЦ-ОА врз политиката 33 отсто од испитаниците одговориле дека МПЦ-ОА има големо влијание, 32,2 отсто сметаат дека има мало влијание, а дека нема влијание сметаат 26.6 отсто од анкетираните.

Дека ИВЗ има големо влијание врз политиката сметаат 46,2 отсто од граѓаните, 20,3 отсто сметаат дека има мало влијание, а дека нема влијание мислат 21,3 отсто од испитаниците.

Мислењата се поделени на прашањето, дали верски претставници треба да присуствуваат на камен-темелник или отворање на државни објекти, па така резултатите покажуваат дека 47 отсто од граѓаните сметаат дека не треба, а 42,6 отсто сметаат дека треба.

Повеќе од половина од испитаниците – 52,6 отсто сметаат дека црквите и верските заедници треба да бидат повеќе активни во социјалниот живот во општеството, а 27,5 проценти сметаат дека треба да бидат помалку активни.

На прашањето дали покрај државата и верските заедници би требало да отвораат домови за деца без родители или болници за социјално загрозени 81,2 отсто од анкетираните одговориле потврдно а само 10,8 отсто дека не се согласуваат.

Високи 75,9 отсто од граѓаните сметаат дека во Македонија во моментов има доволно верски објекти.

Анкетата била спроведена на национално ниво во текот на месец јануари оваа година на 1.107 испитаници.

meta.mk

Сподели: