Започнаа активностите за архитектонско и декоративно осветлување на Камениот мост, еден од најзначајните симболи на Скопје и препознатливите обележја на градот. Проектот има за цел да ја истакне архитектонската убавина и историската вредност на Камениот мост, создавајќи впечатлива ноќна визура која ќе биде дел од препознатливата панорама на Скопје, информираат од Град Скопје.

Современото осветлување ќе биде внимателно усогласено со архитектонските карактеристики и автентичноста на мостот. Посебен акцент ќе биде ставен на неговите препознатливи камени сводови, со цел нивната форма и историска вредност да дојдат до израз, без да се наруши изгледот и карактерот на објектот.
Камениот мост е сведок на историјата на Скопје и еден од најзначајните елементи на градскиот идентитет. Како врска меѓу двата брега на Вардар, мостот со векови е дел од животот на градот и неговите граѓани.
Реализацијата на проектот е резултат на пријателството и добрата соработка со Општина Есенлер, Република Турција, потврдени преку неодамна потпишаниот Протокол за соработка.
Од Градот Скопје изразуваат благодарност до Општина Есенлер за поддршката, како и до сите институции, стручни лица и поединци кои се вклучени во реализацијата на проектот.
„Нашите симболи ја носат приказната за тоа кои сме. Наша обврска е да ги чуваме, да се грижиме за нив и достоинствено да им ги предадеме на идните генерации. Камениот мост е симбол на Скопје и заслужува да ја добие вистинската светлина и во ноќната панорама на градот“, порачаа од Градот Скопје.
Со реализацијата на проектот, Камениот мост ќе добие нов визуелен идентитет во вечерните часови, со што дополнително ќе се збогати градскиот простор и туристичката понуда на Скопје.


