Арсовска: Време е за промени, време е за поубави денови и за модерно Скопје

Сподели

 

Имаме решенија за Скопје и план како да го направиме модерна европска метропола со чисти улици, течен сообраќај, паркови и зеленило, со воздух за да дишат нашите деца, затоа што сите ние заслужуваме подобро.
 
Мојот план и визија за Скопје, ги претставив со амбициозни, но возможни, реални проекти. Повеќето од нив може да се спроведат веќе во првите две години од мојот мандат. Многу од нив уште во првите 82 дена.
 
Време е да им покажеме на сите дека е возможно во 82 дена да се исчистат сите депонии во Скопје, да се отвори едношалтерскиот систем за јавни услуги достапен за сите граѓани 24 часа, секој ден во неделата.
 
Ќе ставиме крај на дивеењето и урбаниот хаос. Ќе го спроведуваме законот, ќе го развиеме модерно Скопје со урбанистичко планирање, заедно со локални и меѓународни експерти за да го подготвиме за иднината, како модерна, зелена европска метропола – со строга заштита на зелените зони и 5 нови мега паркови.
 
Во Скопје ќе владее рамномерен развој и нема да има заборавени населби без вода, без канализација, без асфалтирани патишта, без јавен превоз.
Нашата младина ќе ги има сите можности за модерно образование во училиштата и младински центри во сите општини. Во новиот ИКТ-центар во Аеродром ќе обезбедиме најнапредна обука за ИКТ и софтверско инженерство за 1000 млади граѓани.
 
Преку дигитализација и новиот едношалтерски систем, достапен 24/7, сите граѓани ќе уживаат во брзи, транспарентни и одговорни јавни услуги, без чекање во редици и трчање по шалтери.
 
Ќе се залагаме за транспарентна и ефикасна администрација во служба на граѓаните – и политика на нулта толеранција за корупција и непотизам.
 
На кратко, ова се столбовите за модерно и европско Скопје кои што вечерва повторно ги презентирав на завршниот митинг пред платото на Филхармонија.
 
Иднината на Скопје е во нашите раце, а многумина од вас веќе гласаа за промена. Време е за промени, време е за поубави денови и за модерно Скопје!
 

Данела Арсовска, локални избори 2021, обраќање