Атина: Заврши министерскиот состанок за прашањето за името

Сподели

По повеќе од два часа поминати во премиерската палата во Атина, на мини министерскиот состанок, што според грчките медиуми, вонредно го закажа Алексис Ципрас за прашањето за името, како што јавува дописникот на МИА од Атина, Никос Коѕијас и Панос Каменос излегоа со истите, досега познати позиции.

Шефот на грчката дипломатија излезе со оптимистички изјави. Рече дека потребно е решение за сложено ерга омнес име, додека пак коалицискиот партнер во Владата е со непроменети позиции, не се согласува со терминот Македонија да биде вклучен во името, но вели дека има доверба во Коѕијас и смета дека ќе биде потребно национално решение.

Коѕијас верува дека оваа година ќе биде година кога ќе се решат прашањата во грчката надворешна политика.
– За прашањето за името, Владата, како што има континуирано истакнато, поддржува и преговара за едно сложено име, едно име за сите употреби, она што Грција го презентираше како позиција и во Букурешт. Ние сме за тоа да има согласност од сите партии и политички сили на земјата, рече шефот на грчката дипломатија, по состанокот во премиерската палата, а на прашањето дали е оптимист за решение само кусо одговори дека тој е секогаш оптимист.

Панос Каменос, пак, останува на својата позиција дека сѐ уште е во сила одлуката од лидерската средба во 1992.

– Постојат две важни одлуки за скопското прашање. Едната е одлуката на лидерите на политичките партии под претседателот Константинос Караманлис, а другата е одлуката од Букурешт. Сметам дека преговорите ќе треба да продолжат, имам доверба во министерот за надворешни работи, рече Каменос, пренесува МИА.
На прашањето дали останува на ставот за име без терминот Македонија, лидерот на Независни Грци и коалициски партнер во грчката Влада, повторно ја споменува лидерската средба од 92-та кога беше одлучено терминот Македонија да не биде вклучен во името.

– Јас од прв момент реков дека грчкиот термин Македонија, како што беше одлучено на средбата на лидерите на политичките партии под претседателот на државата, е цврста национална позиција. Останувам на оваа позиција и се надевам дека решението што ќе се донесе ќе ги гарантира националните интереси и паралелно ќе биде прифатено од целиот политички свет, објасни Каменос и додаде дека преговорите ќе бидат тешки и кога ќе дојде време, „политичките сили ќе треба да го формулираат конечното национално решение“.
Во првичните анализи, кусо по завршувањето на состанокот, како што јавува дописникот на МИА од Атина, грчките новинари коментираат дека остануваат разликите во позициите на Коѕијас и Каменос, но со таа разлика што сега, се чини дека лидерот на Независни Грци, полека го омекнува неговиот став, со изјавата дека има доверба во шефот на грчката дипломатија и со барањето за решение прифатено од сите политички сили во земјата. Оттука и прогнозите дека доколку сите партии се согласат за евентуалниот договор меѓу Македонија и Грција, тогаш Каменос нема да биде тој кој ќе се спротивстави.

Во оваа насока беше и изјавата на владиниот портпарол Димитрис Ѕанакопулос во интервјуто за ЕРТ пред два дена, кога, како што тогаш пренесе МИА, рече дека Каменос нема шанси да биде пречка во решавањето на прашањето.