Вести Македонија

Бејли: Договор нема, продолжуваме утре

Сподели:

bejli-3

По два часа преговори во Клубот на пратеници, без решение заврши и денешната рунда преговори на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино.

– Договор нема, преговорите ќе продолжат утре – изјави по средбата амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли.

Пред почетокот на денешната средба, преговарачот од ДУИ, Артан Груби, изјави дека разговорите се одвиваат во конструктивна атмосфера.

– Разликите се многу минимални и сме блиску до договор. Се надевам дека договор ќе постигнеме денеска или најдоцна утре, а единствената можна дата за избори оваа година е 11 декември – рече Груби пред почетокот на средбата.

Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, пред почетоккот на денешната рунда преговори, изјави дека СДСМ постојано одбива предлози, а дека неговата партија е конструктивна и постојано дава нови предлози за да се постигне конечно решение.

Според Радмила Шекеринска од СДСМ, пак, ВМРО-ДПМНЕ бега од регуларни избори и од Договорот од Пржино.

– Сметаме дека на Македонија час поскоро ѝ требаат демократски и фер избори и затоа предлагаме решенија, а не отвораме нови прашања – рече Шекеринска пред почетокот на денешната средба на преговарачите во Клубот на пратеници.

meta.mk

Сподели: