Без опозиција, денеска во Собранието ќе се гласа за новиот универзитет „Дамјан Груев“

Сподели

sobrani11-860x680

Пратениците во Собранието на денешната пленарна седница, без учество на опозицијата, по скратена постапка ќе дебатираат и ќе гласаат за оформувањето на новиот универзитет „Дамјан Груев“.

Од опозицијата велат дека откако оформувањето на овој универзитет повторно е ставено на дневен ред во Собранието, тој е дополнет со три факултети.

Според опозицијата, незаконски е основањето на новиот универзитет да влегува во процедура кога опозицијата го има замрзнато своето учество во активностите на Собранието.

– Ова е уште едно големо признание на ВМРО-ДПМНЕ дека работи незаконски. Незаконската работа на ВМРО-ДПМНЕ потроши многу пари на граѓаните за неделовнички седници на Комисијата за образование. Ваквото класично шверцерско носење закон за формирање универзитет по скратена постапка е уште една голема потврда дека на ВМРО-ДПМНЕ најважно ѝ е да ги вдоми своите партиски војници, а воопшто не ѝ е важно образованието во Република Македонија – рече вчера координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугарески.

Од владејачката партија велат дека новиот универзитет се основа за да се спречи монополот што го држи Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

– Јавната тајна дека на дел од факултетите во Скопје и дел од професорите во Скопје постои чување на монополот и чување на фамилијарните релации и потврдената фактичка состојба со акцијата на Јавното обвинителство и на Министерството за внатрешни работи во која беа уапсени видни професори од Економскиот факултет во Скопје, ни дава право да кажеме дека дискусијата и дебатата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ околу новиот универзитет „Дамјан Груев“ се сведува на дискусија и на дебата дали во Македонија треба да го заштитиме монополот на одредени факултети и на одредени професори, како што се залага СДСМ или, пак, треба да дозволиме, да ја стимулираме и да ја помогнеме конкуренцијата за која се залага ВМРО-ДПМНЕ – рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

Пратениците денеска треба да расправаат и за предлог-законот за дополнување на законите за јавни набавки, за земјоделство и за рурален развој, полиција, внатрешни работи, пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување и за минерални суровини.