Библиотеката „Кочо Рацин“ – Тетово станува универзитетска библиотека

Сподели:

Владата, на предлог на Министерството за култура и туризам, на денешната седница ја усвои одлуката за проширување на дејноста на Националната установа Библиотека „Кочо Рацин“ – Тетово и нејзина трансформација во Универзитетска библиотека „Кочо Рацин“ – Тетово.

Одлуката претставува значаен чекор за Тетово како универзитетски центар и важен придонес кон унапредувањето на високото образование, науката и библиотечните услуги.

Како национална установа од областа на културата, Библиотеката „Кочо Рацин“ – Тетово има важна улога во задоволувањето на културните, информативните и едукативните потреби на граѓаните на Тетово и Полошкиот регион.

Со проширувањето на дејноста, библиотеката ќе обезбеди поширок пристап до своите фондови и услуги за студентите, професорите и истражувачите.

Министерството за култура и туризам продолжува да работи на унапредување на институционалните капацитети и развојот на библиотечната дејност, препознавајќи ја важноста на библиотеките како центри на знаење, образование, истражување и културен развој.

Сподели: