Пендаровски на Светскиот економски форум во Давос

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски во рамки на учеството на Светскиот економски форум во Давос, денеска оствари кратки средби со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез, со косовскиот премиер, Албин Курти, со Принцот Алојз од Лихтенштајн и со американскиот политичар и поранешен потпретседател на САД, Ал Гор.

 

 

Претседателот Пендаровски на средбата со шпанскиот премиер Педро Санчез се заблагодари за принципиелната поддршка од Шпанија на македонските евроинтеграции и изрази подготвеност за натамошно поттикнување и развој на односите меѓу двете земји. Во разговорите беше посочено дека политиката на проширување на ЕУ е неопходно да продолжи во интерес на стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот на Западен Балкан.

 

 

На средбата со косовскиот премиер Албин Курти беа реафирмирани заложбите на Северна Македонија и Косово за продлабочување на билатералната комуникација и меѓусебната соработка во сите области од заемен интерес, со цел  натамошно зацврстување на добрососедските односи, како и пријателството и блискоста меѓу граѓаните од двете земји.

 

 

На средбата со Принцот Алојз од Лихтенштајн се разговараше за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Лихтенштајн, за мултилатералната соработка, како и за актуелните случувања во Европа и во регионот на Западен Балкан. Во контекст на мерките коишто се преземаат за ублажување и справување со економските последици од руската агресија, претседателот Пендаровски и принцот Алојз, разменија мислења и за тековните случувања и ефектите врз економиите во Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), каде Лихтенштајн е земја-членка.

На средбата со американскиот политичар и поранешен потпретседател на САД, Ал Гор, беа разменети мислења за надворешната политика на САД и Северна Македонија низ призма на актуелните случувања во Европа и светот, како и за потребата од интензивирање на трансатланските односи. Претседателот Пендаровски посочи дека поддршката и помошта од САД како НАТО сојузници и стратешки партнери на нашата земја, се од клучно значење за стабилноста, безбедноста и јакнење на демократските процеси во регионот.