Буџетот на МРТ за годинава ќе се зголеми за 3 милиони евра

Сподели

Собраниската Комисија за транспорт и врски денеска го прифати предлогот за ребаланс на Буџетот на Македонската радио телевизија, со што за оваа година на сметката на јавниот радиодифузер ќе легнат уште околу три милиони евра.

За 2018 година првично беше планирано МРТ да добие 700 милиони денари, а со ребалансот овој износ се зголемува за 186 милиони и 550 илјади денари односно вкупниот буџет на МРТ сега ќе биде 886 милиони 550 илјади денари.

Диме Велковски од СДСМ рече дека измените на Буџетот се законски и МРТ има поголем буџет од Министерството за информатичко општество и администрација и апелираше што поскоро да се донесе законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кој Владата нуди решение за финансирање на МРТ. За овој закон се поднесени седумдесетина амандмани, а Комисијата разгледала само неколку. Продолжение на седницата засега не е закажано.

Опозициските пратеници, пак, иако го поддржаа предлогот, обвинија дека предупредиле дека МРТ ќе се соочи со финансиски проблеми со укинувањето на радиодифузната такса.

Ребалансот на буџетот на МРТ треба да биде изгласан и на пленарна седница.