Чадиковски до пратениците од Балканот: Не ги ограничувајте медиумите, ќе ја изгубите вашата слобода

Сподели

 

Во рамките на регионалната конференција насловена како ,,Унапредување на дијалогот меѓу парламентите и новинарите од Западен Балкан во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Собранието на Република Северна Македонија свое обраќање имаше Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски. Тој потенцираше дека ова е прв пат да дојдат пратеници и претседатели на собранија заедно со новинари на исто место, од четири земји. Смета дека тоа може да биде пресврт во градењето на нов менталитет на Балканот. “Ниту вие пратениците треба да бидете мета на политички притисок, ниту ние новинарите треба да бидеме боксерска вреќа на насилниците кога гласно говориме. Без предуслови за слободна политичка арена вие пратениците не можете да им служите на граѓаните кои ве избрале. Без предуслови за безбедна работа на новинарите, ние новинарите  не можеме достоинствено да им служиме на граѓаните во насока  на правовремено и непристрасно известување” рече Чадиковски. Во продолжение е интегралниот говор на претседателот на ЗНМ,

“Нашата слобода зависи од слободата на медиумите која, ако се ограничи, ќе ја изгубиме” …

Оваа позната мисла на третиот американски претседател Томас Џеферсон можеби денес овде ви изгледа пресилно, можеби и неадекватно за еден ваков настан. Собрани сме новинари од половина Балкан, политичари од половина Балкан, претседатели на собранија. Но, тука не дојдовме само куртоазно да се поздравиме, да испиеме по едно кафе и да кажеме пар празни зборови, не, тука сме да кажеме колку е важна слободата на медиумите, и за вас и за нас новинарите, јас денеска сум тука да ги адресирам вистинските проблеми, и да порачам дека нема да стоиме на страна.

Зошто разговараме и зошто ќе се обврземе на транспарентност токму со претставниците на парламентите на овие четири земји, зошто ова не го правиме со Владите, политичките партии, другите општествени чинители? Има неколку причини… 

И вие пратениците, и ние новинарите имаме заедничка одговорност, достоинствено да им служиме на граѓаните, во подобрување на политиките кои се од значење за сите нас. Тоа не е можно ако не се слушаме и почитуваме…

Слободата на мислата и говорот е неприкосновено право на секој граѓанин, и на секој новинар како гласник на граѓаните. Јавниот интерес е важен именител како за новинарите така и за пратениците, новинарите мора да известуваат во полза на јавноста, а пратениците законите што ги гласаат да се во согласност со интересот на сите граѓани.

Ова Собрание овде, овие ѕидови, овие камери, дел од овие луѓе новинари и пратеници што денес седат овде биле сведоци на неколку тажни настани, 24 декември 2012-та година, новинари беа истерани насила од тука за не сведочат на насилните сцени кога се носеше буџетот таа година, правдата ја најдоа во Стразбур… Пред четири години на 27 април 2017-та година, новинари заедно со пратеници беа малтретирани тепани навредувани, на крајот извлечени со полиција за некој да не настрада.

Како тргнала неправдата за овој случај кон новинарите, правдата и тие ќе ја бараат во Стразбур. Државата не ги заштити ни 2012 ни 2017 та година, ги влечка по судски процеси и ги навредува како да се безначајни, некое нужно зло што постои. Упадот во Собранието од 27 април 2017 година е најсериозниот инцидент во кој не само што се повредија правата на дваесетина новинари и медиумски работници туку и се повреди правото на јавно информирање на граѓаните.

Новинарите и ЗНМ, останаа сами да ја бараат правдата пред надлежните судови и истите судови покажаа различен аршин, не ги видоа виновниците, ниту во насилниците, ниту во државата која не ги заштити.

Ни пратија порака – новинарство не ни треба.

И не сме тука да се жалиме на судовите, но тука сме за да ја подигнеме заеднички свеста, што можеме вие и ние заеднички да направиме. Да ја пратиме пораката, новинарството, слободното новинарство ни е неопходно, на сите.

Како, на кој начин? Собранијата се места каде што се креираат законите. Ние овде во Македонија често зборуваме, дебатираме, одржавме средби и со претседателот на Собранието и со шефовите на пратеничките групи, и сите декларативно ја имаме истата цел. Новинарите да бидат безбедни, а законите да овозможат услови за кревање на професионалните стандарди во новинарството. Тоа не е можно ако сите заеднички немаме формирано консензус за овие прашања. Декларативно можеби и имаме, но ќе ве потсетам дека постојат неколку закони за кои ништо не се прави.

Законот со кој ќе се овозможи насилниците против новинарите да бидат гонети по службена должност, не е завршен.

Законот со кој драконските казни против новинарите се намалуваат четирикратно и тој е поднесен до собранието, не е завршен.

Законите кои требаше да овозможат услови за реформи во јавниот радио дифузен сервис и во АВМУ, не е имплеметиран.

Разбираме и политичка криза и недоразбирања, но не можеме да сфатиме кога поради нив трпи слободното новинарство. Ако промените не можат да дојдат преку посериозни реформи во правосудниот систем да се обидеме да ги направиме преку овој дом. И оваа денешна конференција ни покажува дека имаме работа со луѓе што разбираат и ги сакаат промените и ова е вредно за поздрав.

Ова е прв пат на иницијатива на Здружението на новинарите и на уште три други новинарски здруженија од регионот да дојдат пратеници и претседатели на собранија на исто место, од четири земји. Ова е добар сигнал, ќе го преточиме денеска и во заедничка декларација, се надевам дека тоа ќе биде пресврт во градењето на нов менталитет на Балканот, реформа на менталитетот на Балканот, ниту вие пратениците треба да бидете мета на политички притисок, ниту ние новинарите треба да бидеме боксерска вреќа на насилниците кога гласно говориме.

Без предуслови за слободна политичка арена вие пратениците не можете да им служите на граѓаните кои ве избрале. Без предуслови за безбедна работа на новинарите, ние новинарите  не можеме достоинствено да им служиме на граѓаните во насока  на правовремено и непристрасно известување.

Затоа сме денес заедно, вие да ја почувствувате вистинската одговорност во вашите пратенички клупи, а ние можеби да ја чуеме и другата страна на приказната. Знам дека не сме безгрешни. Новинарството живее во ера која се обидува да биде дел од пропаганди и лажни наративи, но ние професионалците имаме обврска да ги посочиме со прст оние што прават проблеми во нашите редови.

Ниту вие ниту ние, не сакаме да бидеме обележани како генерација која ги изневерила очекувањата на граѓаните, бидејќи на крајот на денот, губитници од таа работа можат да бидат сите посебно младите кои треба утре да бидат носители на промените, а не да ги решаваат проблемите наследени од нас. Ограничената слобода на медиумите ја ограничува и вашата и слободата на оние за кои работиме, граѓаните.

Затоа, да ги градиме капацитетите, ние, така како што најдобро знаеме, а вие пратениците така како што од вас очекува јавноста, нагласи Чадиковски.