Давидовиќ: Како бомбите и снимката за пајакот е јавен интерес

Сподели

-“Камерите за управување со сообраќајот немаат класифицирани информации и со тоа МВР може јавно да ги објави снимките од нападот на полицајката при извршување на службената должност.” Ова го тврди адвокатот Ѕвонко Давидовиќ за „Макфакс“ по изјавата на директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Лазо Велковски, дека нема јавно да се објават снимките од моментот кога била нападната полицајката од страна на високиот функционер на ДУИ, Бекир Асани. Според Давидовиќ, јавен интерес е да се види дали полициските службеници подлежат на притисоци наметнати од политичарите.

„Долго време во државата се објаснува дека јавниот интерес е поважен отколку приватниот или друг интерес. Бомбите беа објавување туѓи разговори, но јавниот интерес беше побитен. Тие разговори откриваа начин на незаконити дејства на државни функционери. Ова се камери за управување на сообраќајот, а снимките не се класифицирани информации. Камерите снимаат кој поминува таму. Самиот настан не е класифицирана информација. Напротив, ако висок партиски функционер ѝ се заканува на полициска службеничка, тоа открива многу за начинот на кој тој ја работи функцијата, а тоа е јавен интерес. Јавен интерес е и начинот на кој полицајците се подлежни на притисок од страна на политичарите. Ако тврди дека не била удрена, а се утврди дека била, тоа е лажен исказ. Ако таа потклекнува на притисок од политичари, МВР не може да ја извршува работата со ваков припадник“, вели Давидовиќ за „Макфакс“.