Денеска гласаат болните од КОВИД-19 според посебни здравствени протоколи

Сподели

 

Денеска почнува гласањето, кое за прв пат поради коронавирусот ќе трае три дена под посебно утврдени здравствени протоколи.

Според информациите од ДИК, од пријавени 9.499 болни, немоќни и хронично болни лица во ОИК прифатени се барањата на 8.852 лица кои согласно упатството на Комисијата поднеле соодветна медицинска документација за да докажат дека имаат потреба од гласање во сопствениот дом, со асистенција на медицински работници, според посебно утврден здравствен протокол за заштита.

Членовите на посебните избирачки одбори пред посетата на секој гласач ќе треба да се опремат со мантил, ракавици и маска, како и визири и средства за дезинфекција. Лицето кое гласа во домашни услови задолжително треба да носи маска и да биде со дезинфицирани раце при приемот на членовите на избирачкиот одбор.

Членовите на посебниот избирачки одбор заштитната опрема ја менуваат по завршување на гласањето на секој гласач, односно онолку пати колку што гласачи ќе гласаат. Лицето кое гласа задолжително носи заштитна маска преку нос и уста.

При самото влегување во внатрешниот простор најпрво лицето кое гласа ги дезинфицира рацете. При влез во домот на гласачот, пред да му се даде гласачкото ливче, на гласачот му се даваат заштитна маска доколку нема и задолжително, заштитни ракавици.

При подавање на личната карта, гласачот ја симнува накратко маската за идентификација и ја држи препорачаната дистанца од членовите на избирачкиот одбор.

Пред да му се даде гласачкото ливче на гласачот, задолжително е да ги дезинфицира рацете на кои има заштитни ракавици.

По завршеното гласање, лицето кое гласа повторно ги дезинфицира рацете.

Во целиот процес на гласање задолжително се обезбедува физичка дистанца од 1,0-1,5 метар. Не се спроведува дезинфекција на гласачката кутија после секој гласач. По завршување на процесот личната заштитна опрема се отстранува.

Диспозијата на искористената лична заштитна опрема се спроведува со ставање во црна пластична кеса која се затвора со леплива трака. Отпадот се третира како комунален отпад.