Денеска три рочишта за случаите на СЈО – Тенк”, “Тендери” и “Тотал”

Сподели

Во Основниот суд Скопје 1 денеска ќе се одржат три судски рочишта за случаите на СЈО, случајот “Тенк”, “Тендери” и “Тотал”.

Во судењето за случајот „Тенк“, во кој, за набавката на прескапиот блиндиран „мерцедес“ вреден близу 600.000 евра, на поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, треба да бидат изнесени завршните зборови на одбраната. Во овој случај обвинета е и поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, но постапката за неа беше издвоена поради „ризична бременост“.

Во Кривичниот суд покрај овој процес, денеска ќе има рочишта и за  случаите „Тендери“ и „Тотал“. Во првиот случај и се суди на поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска, за тендерот за завршни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“. Во овој случај обвинети се уште двајца членови на Комисијата за јавни набавки.

Во случајот „Тотал“, му се суди на новинарот Драган Павловиќ-Латас, кој не присуствуваше на претходните три рочишта поради здравствени, односно семејни причини. Латас се товари дека давал лажни податоци во завршните сметки и даночните пријави при што преку неговите фирми затаил данок во износ од 7.466.981 денар или 121.414 евра, а лично тој затаил 3.876.471 денар или 63.032 евра.