Џафери – Кахраман: Поддршка на Турција и солидарност со Македонија во рамките на евроатлантските интеграции

Сподели

Претседателот на Собранието Талат Џафери на тет-а-тет средбата со претседателот на големото национално Собрание на Турција, Исмаил Кахраман изрази задоволство од реализирањето на официјалната посета, како и од интензитетот на политичката соработка меѓу Република Македонија и Република Турција, односно бројните средби на највисоко ниво.

Џафери се заблагодари за доследната и конструктивна поддршка на Турција и за солидарноста со Македонија во рамките на евроатлантските интеграции, особено за силната поддршка за членството на Република Македонија во НАТО. Претседателот на Собранието нагласи дека очекуваме уште позасилена поддршка од Турција за добивање на заслужената покана за членство во НАТО на претстојниот Самит на Алијансата во јули годинава во Брисел.

Кахраман, изрази надеж за понатамошно продлабочување на одличните односи и соработка меѓу Собранието на Република Македонија и Големото национално собрание на Турција. Тој се заблагодари на констуктивната улога на Собранието на Република Македонија во рамките на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, односно предлогот за компромисно решение, со цел за надминување на долгогодишниот застој за изнаоѓање решение за седиште на Секретаријатот на ова парламетарно собрание. Истовремено, тој даде поддршка на реформските процеси и добрососедските политики што ги води Република Македонија.

На средбата се разменија мислења за билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Турција, при што беше оценето дека севкупните односи меѓу двете земји се карактеризираат со дух на традиционално пријателство, меѓусебно разбирање, толеранција, активна соработка и партнерство.

Соговорниците истакнаа дека интензивните и добри политички односи отвораат простор за уште поинтензивна економска соработка. Потребно е проблабочување и на успешната соработка меѓу двете земји во полето на одбраната, внатрешните работи, културата, правдата, земјоделството, шумарството и водостопанството, локалната самоуправа, здравството, спортот, животната средина, трудот и социјалната политика и сл.

Џафери, положи свежо цвеќе и во делот на Парламентот којшто беше оштетен при обидот за државен удар на 15 јули 2016 година во Република Турција, во спомен на загинатите.