Џафери: Промоција на поштенската марка „Прва посета на Папа во Република Северна Македонија“

Сподели

Обраќање на претседателот Џафери на промоцијата на поштенската марка „Прва посета на Папа во Република Северна Македонија“

Дами и господа,

Имам чест да во мое име и од име на пратениците на Република Северна Македонија ве поздравам на овој свечен настан, на кој Македонски пошти ја промовира поштенската марка „Прва посета на Папа во Република Северна Македонија“.

 

 

Како што ви е познато, утре кај нас доаѓа во посета Папата, поглаварот на Римо-католичката црква во рамките на неговата Балканска турнеја и оваа промоција е навистина одличен начин за да се забележи овој историски настан. Папата Франциск е познат по својата скромност и широкогледост, повикува на еднаквост, противник е на насилството и е прогресивен во своите ставови и ја поддржува еволуцијата, токму затоа е широко прифатен од младите ширум светот и за нас е огромна чест што утре ќе бидеме домаќини на оваа посета.

 

 

Иако во Република Северна Македонија католичката заедница е помала во однос на другите верски заедници, сепак неоспорен е нејзиниот ценет придонес во градењето на соживотот во нашата земја, нешто што не е воопшто лесно меѓутоа, како што вели и Папата во неговата видео порака упатена до Северна Македонија, „вреди да се вложи тој напор, бидејќи посебната убавина на нашата земја се должи токму на различните култури, заедници и религии што живеат во неа, бидејќи најубавите мозаици се тие што имаат многу бои“.

Ние, иако мали по територија и по број на жители, имаме што да понудиме во градењето на еден поубав свет за сите. Исклучителен пример за тоа е нашата Гонџе Бојаџиу, големата светица Мајка Тереза која неуморно се даде себеси и сето свое битие за да ги утеши сиромашните, немоќните, болните.

 

Дами и господа,

Нека посетата на Папата Франциск биде охрабрување за сите нас да бидеме подобри луѓе, потолерантни кон различните од нас, одговорни и посветени луѓе претставници на народот кои ќе бидат посветени на градење на подобра иднина за идните генерации.

Уште еднаш, упатувам честитки за овој гест на Македонски пошти и им посакувам  понатамошна успешна работа! – изјави Претседателот на Собранието Талат Џафери.