Џафери со честитка по повод Рамазанските пости

Сподели

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери упати честитка до припадниците на муслиманската вероисповед кои го започнуваат светиот месец Рамазан:

-“Дозволете ми, од свое лично име и од името на пратениците во Собранието на Република Македонија, да упатам честитка до сите кои од денес го започнуваат светиот месец Рамазан, месец во кој се практикува постот, молитвата, споделувањето на храната и убавиот збор. Тоа е месец во кој семејствата се обединуваат, пријателите се среќаваат и споделуваат, додека пак непознатите меѓутоа не толку среќните, стануваат драги и ценети гости на заедничката трпеза. Духот на празникот со сета негова солидарност навлегува во секој дом, ги исполнува срцата со топлина и ги насочува луѓето кон правење на добри дела. Бидејќи, не смееме да заборавиме дека не секогаш се сите среќни, здрави и успешни. Не секогаш сите живеат во економска благосостојба и безбедна иднина.

Наша должност, како државници, како пратеници, како луѓе избрани од граѓаните, е да работиме за доброто на нашите граѓани, нашите деца и идните генерации. Да се насочиме заеднички кон вградување на европските вредности и стандарди во јадрото на нашето општество, вредности кои зрачат со почит и разбирање кон секој што е различен, а сепак ист.

Ви посакувам на сите добро здравје, благосостојба и духовен мир а бидејќи Рамазан е и празник на искушението, нека биде со лесно и со убаво за сите кои ќе постат а сите останати, да имаат разбирање и трпение кон сограѓаните”, – порача Џафери.