Џафери упати честитка по повод Меѓународниот ден на Ромите

Сподели

 

Претседателот на Собранието Талат Џафери упати честитка по повод Меѓународен ден на Ромите.

“Почитувани граѓани, припадници на ромската заедница во Република Северна Македонија,

Ми претставува чест и задоволство од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од свое лично име да Ви го честитам овој важен ден за ромската заедница, полни 31 година од прогласувањето на 8 Април за Светски ден на Ромите од страна на Обединетите нации, 51-година од првиот Ромски конгрес од 1971 година, и секако, 21 година од впишувањето на Ромите  во Уставот на Република Северна Македонија. Ова се значајни датуми за Вас како заедница, но, позначајно е тоа колку во сиот тој период успеавте да се интегрирате, да се вклучите и да придонесете во сите промени кои се случуваат околу Вас, и најважно од се, колку општеството беше отворено за Вас, Ви подаде рака за да бидете и Вие дел од тие текови и активно да ја градите со сите други граѓани на Република Северна Македонија, Вашата иднина, иднината на Вашите деца и индивидуалниот и колективен напредок. Нашето мултикултурно, мултиконфесионално и мултиетничко општество не е целосно и комплетирано доколку Вашата силна и исто толку широка душа не би го збогатувала секојдневието со својата живост и во најтешките времиња. Затоа што едно е сигурно, промените, добрите или лошите влијанија, не ве заобиколуваат туку напротив, оставаат трајни белези и врз Вас како и врз секој друг граѓанин на Република Северна Македонија.

Нека оваа година биде година на промени кон подобро за сите граѓани на Република Северна Македонија, нека биде година во која ромската заедница и самата ќе си го отвора патот кон подобрување на квалитетот на живот за себе, за своите деца. Наша обврска како држава и државни институции и народни избраници е да бидеме до Вас во секој чекор напред.

Честит 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите!”