Џафери: Зајакнување на демократијата, основните права, владеењето на правото и безбедноста

Сподели

 

Република Северна Македонија го презема претседавањето со Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа од јули 2023 година, до јуни 2024 година. За нас, ова претставува огромна чест, обврска и предизвик. Ова е и одлична можност за РС Македонија да се фокусираме на нашите зацртани приоритети како земја, а кои секако, не се надвор од Стратегијата ЈИЕ 2030. Значи, фокусот ќе биде на силната имплементација на Стратегијата како сеопфатен план во кој што сите приоритети и активности се усогласени со политиката на ЈИЕ и зајакнувањето на регионалната соработка.

 

 

Нашите приоритети ќе бидат во насока на зајакнување на демократијата, основните права и вредности, владеењето на правото, безбедноста и стабилноста и меѓународниот поредок заснован на правила. Имаме одговорност да ги одбраниме тие заеднички вредности и меѓународниот поредок заснован на правила, затоа што нашите граѓани заслужуваат да уживаат функционални демократии. Силниот, обединет глас е најсилниот глас.

Незаконската, непровоцирана руска агресија врз Украина, покрај засекогаш изгубените човечки животи, има сериозни ефекти и врз економиите на Европа и земјите на ЈИЕ. Ние мораме заедно да се справиме со меѓусебно поврзаните предизвици за намалување и ублажување на негативното влијание по економијата, енергијата и безбедноста на храната. Мораме да истражиме мерки за намалување на зависноста за овие есенцијални потреби. Затоа, инвестирањето во енергетската инфраструктура, во проекти за обновлива енергија кои ќе обезбедат чиста енергија, одржлив, зелен, дигитален и фокусиран раст за граѓаните ќе биде придобивка за регионот на Југоисточна Европа.

Хибридните закани и активностите за манипулација со информациите, вклучително и дезинформациите, се сериозни закани кои го пробиваат институционалниот кредибилитет и довербата на јавноста во демократските институции. Борбата за оневозможување на овие закани од самиот зачеток, мора да биде во заедничкиот фокус на сите општествени чинители во сите земји членки на ПСЈИЕ. Тоа е најдобриот начин за градење, заштита и зајакнување на демократијата.

Ќе се фокусираме и на регионалната соработка и развојот на заедничкиот регионален пазар на економиите на земјите на Западен Балкан и на Југоисточна Европа, во согласност со правилата и стандардите на Европската унија, за да бидеме уште поблиску до единствениот пазар на ЕУ. Регионалната соработка преку дијалог, претставува и најдобар начин за справување на прашањата од минатото и гледање напред кон заедничката безбедна иднина. Во тој контекст, го подржуваме дијалогот меѓу Белград и Приштина кој покрај за нив, е од суштинско значење и за стабилноста на целиот регион. А стабилен регион значи атрактивност за инвестиции и безбедност на истите. Се разбира, фокусот треба да биде на инфраструктурата и нашето поврзување, со што ќе се олесни регионалната трговија, ќе се обезбеди одржлив економски раст кој што следствено ќе влијае на подобрувањето на секојдневниот живот на нашите граѓани. Укинувањето на визниот режим за граѓаните на Република Косово во јануари 2024 година е особено позитивна одлука на Европскиот Парламент со која целиот регион на ПСЈИЕ ќе има слична рамка за Шенген зоната.

Високо меѓу клучните области на нашите активности е секако заштитата на животната околина и справувањето со предизвиците и влијанијата врз неа поради несовесното, прекумерното и неправилно искористување на постојните ресурси. 

Од исклучителна важност е инвестирањето во човечкиот капитал кој што е носител на напредокот на земјите и регионот. Квалитетното образование, иновациите, истражувањето, здравството, културата, спортот се неопходни за подобрата перспектива на нашите млади кои се крвотокот на секое општество. Ние мораме да обезбедиме простор за нивен раст и развој. Една од клучните области е и дигиталната трансформација која покрај развојот на дигиталните вештини, со паралелната дигитализација на сите чинители ќе овозможи поголема транспарентност, одговорност, пониски трошоци. Морам да истакнам дека Собранието на РС Македонија е лидер во регионот со воспоставениот е-Парламент кој што придонесува во голема мера во транспарентноста на нашиот законодавен дом. Покрај тоа, младите во Западен Балкан се исклучително успешни во дигиталните вештини кои придонесуваат  во нивно подобро етаблирање и поголема конкурентност на пазарот на трудот, изјави Џафери на 10. Пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.