Димитров го отвори Состанокот на МНР во рамки на Берлинскиот процес

Сподели

 

Денес во Скопје се одржа Состанокот на министри за надворешни работи со којшто се означи почетокот на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес на Република Северна Македонија и Република Бугарија за 2020 година. Покрај министрите за надворешни работи/претставници  на земјите кои учествуваат во Берлинскиот процес од Европската унија и Западниот Балкан, на состанокот учествуваа и претставници на институциите на ЕУ и Советот за регионална соработка.

 

 

Состанокот го водеа ко-домаќините, министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Никола Димитров и министерката за надворешни работи на Република Бугарија Екатерина Захариева, а поздравно обраќање имаше и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски.

 

 

На Состанокот којшто беше посветен на европските перспективи на регионот во контекст на мартовскиот Европски совет и Самитот во Загреб, Министрите од Регионот искажаа поддршка за освеженото политичко внимание од страна на ЕУ кон регионот.

Од нивна страна беше усвоена Заедничка изјава со која меѓу другото ги повторија своите заложби за посветеност кон демократските вредности, владеење на правото, независното судство, градење стабилни институции, борбата против организираниот криминал и корупцијата, стабилно економско владеење, како основа за политичката и економска стабилност на регионот и негови суштинско приклучување кон остатокот од европскиот континент.

Воедно, демонстрираа заедничка политичка визија за иднината на процесот, согласувајќи се дека Берлинскиот процес и останатите релевантни регионални иницијативи не се замена на процесот на проширување на ЕУ. На состанокот беше реафирмиран стратешкиот интерес на земјите од регионот да станат полноправни земји-членки на ЕУ, градејќи мирен, стабилен и просперитетен регион во силна и обединета Европа.

Покрај другото беа дискутирани и преостанати покрупни отворени прашања, а беше истакнат и напредокот и очекувањата на одредени земји за соодветна валоризација од страна на ЕУ во претстојниот период, во светло на Комуникацијата на ЕК за нова методологија за пристапниот процес и мини извештаите на ЕК за нивниот напредок.

 

Министерот Димитров во своето обраќање истакна: „Патувањето на Западен Балкан кон ЕУ понекогаш потсетува на патешествието на Одисеј – долго и полно со предизвици. Но како што овој легендарен херој стигна до својата Итака, сигурен сум дека секој од нас ќе стигне до „местото“ каде што припаѓаме, преку силна волја, напорна работа, заемна соработка и мудрост. Зборувајќи за европските перспективи на Регионот, морам да се осврнам посебно на нашиот случај, кој навистина е тажна приказна гледано ретроспективно и на сите негативни преседани кои се прекршија врз нас. Но, после историското решавање на отвореното прашање со Грција и очигледното демократско полукружно свртување, неспорно е дека имаме особено силен случај. И доколку ЕУ сака да биде сила со позитивно влијание во Регионот и пошироко и да го сочува кредибилитетот, овој пат тоа мора да го признае со јасна одлука за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија. “

 

Во своето обраќање, МНР Захариева истакна: „Ова прво заедничко претседателство е симбол на регионалната сопственост на Берлинскиот процес.  Ние го гледаме тоа како позитивен знак дека земја-членка на ЕУ и земја-кандидат за членство во ЕУ можат да се обединат и да работат заедно во интерес на земјите од регионот.”

Приоритентната агенда на Заедничкото претседателство претставена на денешниот Состанок е дизајнирана да рефлектира засилена регионална интеграција, врз основа на принципот на целосна инклузивност, и има за цел да ја интензивира меѓуповрзаноста (connectivity) и да овозможи олеснето движење на лица, стоки, услуги и капитал.

Во рамки на заедничкото претседателство, од 8 до 10 март во Скопје се одржа и Тинк Тенк Форум организиран од страна на Институтот за Демократија Социетас Цивилис – Скопје во соработка со Европскиот совет за надворешна политика (ECFR), од Софија.