ДКСК го објави извештајот за следење на системот за интегритет

Сподели:

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) го усвои и јавно го објави извештајот за следење на системот на интегритет за 2025 година. Извештајот дава преглед на степенот на воспоставеност и примена на системот на интегритет во институциите од јавниот сектор, со посебен осврт на централната власт и единиците на локалната самоуправа.

Интегритетот значи одговорно, етичко и транспарентно постапување на институциите и носителите на јавни овластувања, во заштита на јавниот интерес и со намалување на ризиците од корупција и судир на интереси.

Системот на интегритет, пак, ги опфаќа внатрешните правила, процедури и механизми преку кои институциите го обезбедуваат таквото постапување во пракса.

Наодите од Извештајот укажуваат на позитивни поместувања во повеќе сегменти, вклучително зголемена вклученост на институциите, унапредување на интерните политики и поголема примена на алатки за проценка и управување со ризици од корупција. Истовремено, Извештајот укажува и на потребата од понатамошно унапредување, особено во делот на практичната примена на воспоставените механизми и јакнењето на административните капацитети. Во таа насока, ДКСК препорачува поголем фокус на практична примена на актите за судир на интереси, воспоставување евиденција на изземања, јасни правила за подароци и гостопримства, унапредување на контролите во јавните набавки, редовна проценка на ризиците од корупција и континуирани обуки за вработените и раководството.

Извештајот е објавен на веб-страницата на Државната комисија и доставен до релевантните институции, вклучително Собранието, Владата, Делегацијата на Европската Унија, Кабинетот на Претседателот на Републиката и институциите потписнички на политиката за интегритет.

Државната комисија за спречување на корупцијата останува посветена на јакнење на системот на интегритет како клучен превентивен механизам во борбата против корупцијата.

фото ДКСК

Сподели: