Град Скопје додели сертификати за енергетска ефикасност на 32 објекти

Сподели

 

На 32 јавни објекти што се под надлежност на Градот Скопје денеска им беа предадени енергетските контроли и сертификати кои претставуваат насока за преземање мерки за намалување на потрошувачката на енергија и за подобрување на енергетската ефикасност на објектите. 
 
Енергетската контрола на зградите и издавање на Сертификат за енергетска ефикасност е законска обврска која ја реализираат лиценцирани фирми. Енергетска контрола претставува систематизиранa постапка за утврдување на постојната потрошувачка на енергија, препознавање и квантификација на економски оправдани можности за заштеда на енергија во згради или група на згради, индустриски процеси или постројки, или во јавни или приватни услужни дејности и опфаќа подготовка на извештај за енергетската контрола.
 
Сертификат за енергетска ефикасност (пасош), пак, е документ со кој се докажуваат карактеристиките на зградата во однос на потрошувачката на гориво. Кога зградата троши помалку енергија, таа е енергетски ефикасна и помалку ја загадува животната средина.
 
Придобивките од овие процеси се од повеќе аспекти – покрај намалената емисија на штетни материи заради помала количина на потрошено гориво, се намалуваат и трошоците за енергија. Исто така, освен придобивките за жителите на Скопје, заради намалената потрошувачка на енергија и почистата животна средина, се намалува и потребата за купување на скапа енергија на ниво на Македонија.
 
–  Правилното планирање на енергетските политики во објектите кои се под надлежност на Град Скопје, претставува систематски пристап и единствен начин да се исполнат целите за енергетска ефикасност кои ги има поставено Градот, а со тоа да се подобрат и условите во објектите. Одлуките за целите за енергетска ефикасност ги засноваме на изработени енергетски контроли и сертификати за енергетските карактеристики на сите згради во надлежност на Град Скопје. Деталното познавање на процесите во самите објекти, преку изработката на енергетските контроли, и уште еден чекор понапред, подготвувањето на сертификати за енергетските карактеристики, овозможи планирањето во поглед на енергетската ефикасност да ги цели вистинските потреби на објектите и реално и систематски да се подобрат уловите за престој во јавните објекти и притоа да се постигне заштеда, како на енергија, така и од финансиска гледна точка, а воедно се постигнува и подобрување на стандардот на граѓаните и зголемување на употребата на енергија од обновливи извори – истакна секретарот на Град Скопје, Ѓоко Велковски при доделувањето на сертификатите.
 
Градот Скопје, во рамките на Програмата за енергетска ефикасност на Град Скопје (2022-2024), изработи енергетски контроли и сертификати на 32 објекти кои се под надлежност на Град Скопје. Сертификатот треба да се постави на видно место во секој објект. 
 
Енергетски контроли и сертификати се изготвени за 23 средни училишта на Град Скопје, за шест објекти од културата, за бараките на Град Скопје, за Зоолошката градина и за објекти на Противпожарната бригада во Автокоманда.