Вести Македонија

ДС: Партиите од парламентарно мнозинство да започнат демократска офанзива за трансфер на власта

Сподели:

„Демократскиот сојуз смета дека партиите од парламентарно мнозинство треба да започнат добро осмислена демократска офанзива за трансфер на власта, за да се обезбедат суштински промени и правда.

Овој процес е исклучително сложен и тежок, посебно во услови кога партијата на власт со сите расположливи партиски и државни сили и средства го попречува тој процес.

Секогаш предност има политичкиот дијалог и одговорно и мудро однесување, но очигледно е дека власта играјќи на национализам државата ја турка во длабока провалија.

Во вакви услови неопходно е одговорноста за иднината на државата да ја преземат партиите кои имаат уставни претпоставки за формирање Влада и да раководат со државата.

Сметаме дека неопходна е стратегија за раздвижување на демократските процеси.

Во оваа насока предлагаме да се формира координативно тело од партиите кои имаат парламентарно мнозинство кое ќе работи на спроведување на мирен трансфер на власта, потоа согласно Уставот и Деловникот на Собранието да се деблокира работата на Собранието преку избор на претседавач и седницата да продолжи со работа се до исцрпување на дневниот ред и избор на Влада на Република Македонија.

За непречена работа на Собранието, партиите, но пред се МВР да обезбедат услови за континуирана работа на истото и блокираат било какви обиди за насилство.

Целокупниот процес да се одвива јавно и за сите активности да се информира домашната, но и меѓународната јавност, како и земјите членки на ЕУ и соседните држави.

Веруваме дека, освен СДСМ и другите партии се цврсто определени и искрени во намерите за стабилизирање на состојбите во Македонија, формирање Влада која ќе го гарантира унитарниот карактер на државата и ќе создаде услови за реформи и владеење на законите.

Но претходно ги повикуваме сите партии да се откажат од платформи и идеи кои се користат како алиби за блокада на демократските процеси“, се вели во соопштението на Демократскиот сојуз.

Сподели: