Вести Македонија

ДУИ вети дека во секое семејство ќе има барем по еден вработен

Сподели:

dui

Лидерот на Демократската унија на Албанците (ДУИ), Али Ахмети, денеска во Скопје ја промовираше изборната програма на партијата за претстојните парламентарни избори, закажани за 11 декември.

Ахмети посочи дека програмата е подготвена од интелектуалци и од експерти докажани на своето поле.

– Сигурен сум и верувам дека ние можеме да ја оствариме оваа програма и затоа на веб-страницата на ДУИ дадовме можност да се предложат сугестии за тоа што не сме го постигнале. Од оваа програма не добиваат само Албанците туку сите граѓани во Македонија – истакна Ахмети.

Лидерот на владејачката партија од албанскиот блок рече дека со програмата се предвидува во секое семејство да има барем по еден вработен, спроведување на сите препораки од Европската комисија, како и имплементирање на препораките на Охридскиот договор.

Носителот на листата во првата изборна единица, Артан Груби, рече дека владеењето на правото ќе биде засновано на транспарентност, во согласност со сите дадени препораки и истакна дека ДУИ не познава друга алтернатива освен интеграција во ЕУ и во НАТО.

Од друга страна, Џеват Адеми истакна дека приоритет на ДУИ во наредните четири години ќе биде двојазичноста, односно службената употреба на албанскиот јазик.

 

meta.mk

Сподели: