Вести Македонија Ударни вести

ДЗЛП: Македонија да донесе нов закон за заштита на лични податоци

Сподели:

Македонија треба што поскоро да го донесе новиот закон за заштита на лични податоци со кој што ќе се имплементираат одредбите од Општата регулатива за заштита на личните податоци на ЕУ, што стапува на сила на 25. мај оваа година. Ова е една од препораките што се содржани во Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија.

Генералниот секретар на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Игор Кузески пред пратениците на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците посочи на препораката за забрзување на напорите за носење на овој закон. Работниот текст на законот е готов и се очекува тој да влезе во владина процедура, посочи Кузески.

Доколку Македонија започне преговори со Унијата и се отвори поглавјето 23 од земјата ќе се бара да донесе ваков закон.

Ги информираше пратениците и за другите годишни активности, а одговарајќи на прашање за заштитата на личните податоци при увид во Избирачкиот список кажа дека се иницирани законски измени и оти во Министерството за правда има формирано работна група.

Заменик-народниот правобранител Васка Бајармовска Мустафа го презентираше Годишниот извештај на Народниот правобранител. Народното правобранителство констатирало дека и лани сме имале селективна правда,  партизирана и непрофесионална јавна администрација на централно, а особено на локално ниво, популистичките и неприменливите правни прописи, лош систем на извршување кој што особено го погодува најсиромашниот слој граѓани, социјалната заштита останува систем со кој не се надминува социјалниот ризик. Исто така е забележана појава на дискриминација по сите основи, но правобранителството оценува дека и натаму неефикасно судство и обвинителство, но и полиција која ги надминува своите овластувања.

На пратениците им беа поделени препораките на Правобранителството за полициските овластувања, во областа на граѓанските состојби и други внатрешни работи, правосудство, Избирачки права, права на бегалци и мигрантии друго.

Зборувајќи за претставките до Народниот правобранител за извршителите, Панчо Минов од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, побара без одлагање да се измени Законот за извршување, што ќе биде од интерес на огромен број граѓани кои без нивна вина се соочуваат со превисоки камати од заостанати стари долгови и превисоки трошоци за извршување.

Во предлог мерките, Народното правобранителство во однос на работата на извршителите, за кои има бројни претставки,  бара во постапката за извршување да не се преземат мерки за присилна наплата на долгот со кој е задолжен должникот, без уредно и навремено да биде информиран и пред извршителот да добие информација за основот за примања кои ги остварува должникот. Правобранителството бара и измени на законите за извршување и за облигационите односи заради обезбедување на подобра заштита на граѓаните-должници со ограничување на висината на законската казнена камата која ја плаќа должникот. Исто така се предлага во Законот за извршување да се регулира средствата од дадтоци/субвенции за поддршка на развојот за земјоделство и сточарство, да не бидат предмет на извршување.

Сподели: