ЕК ја објави новата методологија за преговори

Сподели

 

Европската комисија денеска ја објави новата методологија за пристапни преговори за членство во ЕУ, со која треба да се унапреди процесот, со што тој би станал поверодостоен, со посилно политичко управување, подинамичен и предвидлив.

Еврокомесарот за проширување Оливер Верхеи, презентирајќи ја новата методологија, истакна дека проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан останува врвен приоритет на Комисијата и затоа денеска предлагаат конкретни чекори како да се подобри процесот на пристапување.

– Додека ние го зајакнуваме и го подобруваме процесот, целта останува пристапување и полноправно членство во ЕУ. Паралелно, Комисијата цврсто стои на своите препораки за отворање на пристапните преговори со Македонија и Албанија и наскоро ќе даде дополнително образложение  за напредокот постигнат од овие две земји. Во рамките на подготовките на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб во мај, Комисијата ќе излезе со план за економски и развој на инвестициите за регионот, кажа Верхеи.

Новата методлогија предвидува групирање (кластери) на преговарачките поглавја и тематските области, можност за надградување на реформите со поголемо финансирање и наградување на иднивидуалните постигнувања на кандидатите, но и санкционирање во случаи кога нема напредок со ставање во мирување на преговорите во одредени области, па дури и нивна целосна сузпензија.

Фокус се става на основните критериуми – владеење на правото и демократски институции. ЕУ од своја страна треба да ја потврди и испорача својата непоколеблива посветеност на процесот што ќе се базира на постигнувањата, а политичката природа на процесот треба да биде ставена напред и во центар со механизми како што се редовните самити ЕУ-Западен Балкан и меѓувладини конференции со земјите кандидадти.

МИА