ЕкоСкопје – нова дигитална платформа за пријавување еколошки проблеми во Скопје

Сподели:

Од денеска, граѓаните во Скопје имаат на располагање нова дигитална алатка за пријавување еколошки проблеми.

Официјално е лансирана ЕкоСкопје, паметна еко-платформа создадена од млади, која овозможува едноставно пријавување проблеми во градот и придонесува кон подобра комуникација меѓу граѓаните и надлежните градски служби.

Платформата е достапна за користење на: ekoskopje.skopje.gov.mk

Преку ЕкоСкопје, граѓаните можат да пријават еколошки проблем со приложување фотографија и локација. Пријавите се евидентираат во системот, по што следува нивно разгледување, проследување до соодветните градски служби и ажурирање на статусот. На овој начин, платформата создава можност за поедноставна и поорганизирана комуникација за еколошките проблеми во Скопје.

ЕкоСкопје е резултат на младинска идеја која прерасна во функционална дигитална алатка и потребата на градот за директна комуникација со граѓаните.

Официјалната промоција на ЕкоСкопје се одржа денеска во Europe House Скопје, во организација на Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД), во соработка со Град Скопје.

На настанот се обратија Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје, Ewout Sandker, претставник на Европската комисија, и Иван Јованов, Извршен директор на ЛЕАД, кои го истакнаа значењето на младинското учество, дигиталните иновации и соработката меѓу институциите и граѓанскиот сектор во создавањето решенија за подобар град.

„И јас живеам во градот, пешачам и ги гледам истите проблеми, го дишам истиот воздух и знам колку може да биде фрустрирачки. Честитки до тимот и организацијата за оваа платформа која овозможува граѓаните и младите да бидат слушнати а градските служби ефективно да реагираат. Но можеме да ги имаме и најдобрите закони и најновата технологија, ама ако не го смениме нашето однесување и начинот на кој ги третираме улиците, парковите и околината тогаш напредокот останува лимитиран. Денешниот ден не е крајот на приказната, туку е само почетокот.“ изјави Еваут Сандкер, претставник на Европската комисија.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ги охрабрува сите граѓани и млади: „На Скопје му се потребни идеи кои стануваат дела и соработка што носи видливи промени. Денес промовираме токму таков пример, платформа создадена од младинската енергија. Трудот на младите заслужува признание и практична поддршка а наша обврска е да создадеме простор нивните предлози да добијат примена. Ги повикувам граѓаните да ја користат платформата,  а младите ги охрабрувам да продолжат да создаваат.“

Во рамки на настанот, Андреј Божиновски, член на победничкиот тим , ja претстави веб-платформата.

ЕкоСкопје е развиена во рамки на проектот SkopYEAH!, кој го реализира ЛЕАД во соработка со Град Скопје, со финансиска поддршка од Европската Унија.

Сподели: