Вести Македонија

Есејот по македонски јазик за државната матура за прв пат ќе биде на слободна тема

Сподели:

Учениците во четврта година периодов се подготвуваат за полагање на државната матура. Државниот испитен центар (ДИЦ) веќе објави на кои датуми ќе се одржат тестирањата. Првиот тест по странски јазик ќе се полага на 1 јуни, а мајчин јазик ќе се полага на 8 јуни.

Новина годинава е тоа што по предметот мајчин јазик, учениците ќе пишуваат есеј на слободна тема

– До лани се знаеше од кој литератирен правец ќе биде темата за есејот, на пример, „романтизам“. Ново годинава е што нема да има есеј од областа на литературата, туку ќе имаат една слободна тема, може да им се падне на пример да пишуваат за младите и технологијата. Треба да се напише вовед, главен и завршен дел. Преку есејот се гледа како се изразуваат, дали знаат да напишат текст, конструкцијата на речениците, градењето ставови и слично. Имаме дополнителни часови на кои вежбаме правопис. Во гимназијата „Орце Николов“ во која предавам, има солидни деца, фасцинирана сум од тоа какви знаења имаат по македонски јазик – вели професорката Тамара Ќупева.

Фарук Зекири, директор на гимназијата „Зеф Љуш Марку“ вели дека и во оваа гимназија периодов учениците се подготвуваат за претстојните полагања.

– Учениците кај нас веќе имаат дополнителни часови по предметите што ќе ги полагаат, веќе има настава со професорите по албански јазик, математика и по англиски јазик. На тие часови работат со професорите и се објаснува тоа што не е јасно. Имаме информација дека тестирањето ќе биде исто како лани, нема да има измени во однос на предметите или начинот на полагање. Ќе пишуваат на хартија, не на компјутери – вели Зекири.

Во ДИЦ информираат дека екстерните испити од државната матура во јунска испитна сесија 2019 година ќе се реализираат во следниве термини:

  • На 1 јуни ќе се полага англиски, француски, германски или руски јазик.
  • На 8 јуни ќе се полага мајчин јазик
  • На 11 јуни хемија, физика, биологија, историја, филозофија, социологија, естетика или бизнис.
  • На 13 јуни математика.
  • Од 17 до 28 јуни ќе се полагаат интерните испити.

Државната матура е услов за упис на факултет.

Сподели: