ЕСМ: Потрошувачите да проверат дали објектите се подготвени за грејната сезона

Сподели

 

Во пресрет на новата грејна сезона 2022/2023 која започнува на 15 октомври, ЕСМ Снабдување ДООЕЛ Скопје како вршител на енергетска дејност, со цел обезбедување на јавна услуга снабдување со топлинска енергија во следниот период, апелира до потрошувачите и заедниците на сопственици да проверат дали објектите се подготвени за грејната сезона.

За да може грејната сезона во објектите кои се приклучени на системот за централно греење да стартува навремено и испораката на топлинска енергија да се одвива непречено, потребно е потрошувачите да ги завршат интервенциите на внатрешната инсталација и истото веднаш да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи на ЕСМ Снабдување.

„Истовремено Заедниците на сопственици или Управителите на објектите потребно е да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинската станица како и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација).

Соработката од страна на потрошувачите и заедниците на сопственици е во интерес на сите страни за да се обезбеди навремена и квалитетна испорака на топлинската енергија.

За сите неопходни информации или пријави за одредени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 023076200 и 075400100.

Апелот е дел од активностите на ЕСМ Снабдување ДООЕЛ Скопје кои произлегуваат како обврска на вршителот на јавна услуга во следниот период, бидејќи редовното одржување на внатрешната грејна инсталација е одговорност исклучиво на потрошувачите кои се грижат за функционалноста и исправноста на внатрешната грејна инсталација што е од суштинско значење за квалитетот на греење кај потрошувачите.