Вести Македонија Ударни вести

ФАКУЛТЕТИ.МК: ДЕСКОСКА – Недозволиво и неприфатливо е родителите да купуваат сапун или инвентар за училиштата

Сподели:

Министерката за образование и наука Рената Дескоска за Факултети мк. изјави дека поради долговите на општините и училиштата, Владата веќе ја анализира ситуацијата со блок-дотациите. Ќе има и предлог за редефинирање на начинот и утврдување на критериумите за наменските и блок-дотациите за општините.

Владата ќе анализира зошто блок-дотациите наменети за училиштата не им се доволни на општините, но ќе се чешла и работата на локалната власт, односно дали има злоупотреба на парите наменети за учениците. После анализата ќе произлезе и предлог за редефинирање на начинот и утврдување на критериумите за наменските и блок-дотациите за општините. Факултети.мк објави серија текстови посветени на блок-дотациите, проблемите со кои се соочуваат училиштата околу ова прашање, како и проблемот со барањата родители да набавуваат средства за хигиена и да ги опремуваат училниците. И нашата онлајн-анкета покажа дека ова е масовна појава во цела земја и дека е потребно системско решавање на проблемот и утврдување на причините за истиот.

Сомнеж за злоупотреби на средства наменети за образование

Министерката за образование и наука Рената Дескоска за Факултети мк. вели дека блок-дотациите не се и не треба да бидат единствен извор на финансирање и дека општината може да ја дополнува добиената дотација со средства од сопствени извори, освен за плати на вработените во училиштата.
– Средства за финансирање на дејноста основно и средно образование може да се обезбедуваат и од други извори, а да се користат наменски. Инаку, соочени со долговите на голем број училишта и општини, Владата формира работна група која ќе треба да ја согледа ситуацијата со блок-дотациите што им се даваат на општините. Ќе се подготви информација за направената анализа на состојбите со предлог за редефинирање на начинот и утврдување на критериумите за наменските и блок-дотациите за општините. Исто така, останува сомневањето за одредени злоупотреби на средства наменети за образованието. Да потсетам дека токму случајот „Транспортер“, кој се води од страна на Специјалното јавно обвинителство, е случај кој се однесува на злоупотреба на средства за транспорт на учениците – вели Дескоска.
Кои се надлежностите на МОН, а кои на општините кога е во прашање тековното одржување на училиштата и инвестициите? Кој треба да го купува сапунот, а кој орманчињата во училниците? Топката се префрла од локално на централно ниво веќе подолго време, па останува на родителите да ја пополнат дупката. Голем дел од општините што ги контактиравме ни одговорија дека блок-дотациите не се доволни, па дури и предлагаа комплетно да се смени моделот на пресметка. Министерката Дескоска појаснува дека локалната самоуправа е сопственик на училишните згради и преостанатиот имот во врска со основното и средното образование. Таа додава дека од блок-дотацијата општината треба да обезбеди плати и тековно одржување на училиштата.
– Општината ги одобрува финансиските планови на училиштата кои се во нејзина надлежност. МОН помага со капитални инвестиции согласно програми за изградба на основни и средни училишта и програми за санација и реконструкција на основни и средни училишта кои ги носи Владата секоја година. Општините користат и свои средства за капитални инвестиции, како и средства од различни проекти од странски донатори – објаснува Дескоска.

Да не се манипулира со родителите

Во голем дел од македонските училишта родителите купуваат од тоалетна хартија и сапун, до телевизори, печатачи, инвентар за училниците. Министерката Дескоска вели дека ова е недозволиво и неприфатливо.
– Училиштата добиваат средства за овие намени во рамките на блок-дотациите и со нив треба да располагаат наменски. Вакви побарувања кон родителите се недозволиви и неприфатливи. Останува одговорноста на директорите, кои се именуваат од страна на градоначалниците, да раководат со училиштата согласно законските прописи и да не манипулираат со родителите и со нивните чувства кон своите деца – вели Дескоска.
Според неа, потребно е напредување на процесот на децентрализација во областа на образованието. Сега, согласно Законот за основно и Законот за средно образование, распределбата на средствата од блок-дотациите се врши врз основа на формула која се изведува според бројот на ученици во општините.
– Општината ги распределува средствата од добиената блок-дотација на основните и средните училишта на своето подрачје согласно мерила и критериуми што ги утврдува Советот на општината. Планирањето на средствата по буџетски ставки (плати и трошоци од категоријата стоки и услуги) е во надлежност на училиштата и општината. Критериумите за распределба на блок-дотацијата по училишта општината ги објавува во службеното гласило. Општините сами одлучуваат кои критериуми ќе ги користат – вели Дескоска.

fakulteti.mk

Сподели: