Засилена контрола на сите гранични премини за патници коишто доаѓаат од Италија

Сподели

 

“По завршувањето на состанокот на управувачкиот комитет на Центарот за управување со кризи, министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче во изјава за медиумите потенцираше дека продолжуваат сите мерки коишто беа најавени утрово по состанокот со Комисијата за заразни болести во Министерството за здравство.

„Продолжуваат сите мерки коишто ги најавивме утрово после состанокот на Комисијата за заразни болести во Министерството за здравство. Тоа значи засилена контрола на сите гранични премини од денеска за патници коишто доаѓаат од критичниот регион во Северна Италија. Тоа значи дека и денешните патници коишто доаѓаат со два лета од Милано, како на скопскиот, така и на Аеродромот во Охрид ќе бидат детално интервјуирани, прегледани и тестирани доколку треба. Донесовме заклучок да се направи кризен штаб во рамки на Министерството за здравство коишто ќе ги координира сите активности на сите јавно-здравствени институции и ќе имаме секојдневна комуникација со медиумите“, истакна министерот Филипче.

Тој информираше дека се обезбедени простории, по потреба за изолација на патници коишто ќе бидат мониторирани 14 дена. Тоа се инфективните одделенија, за почеток во Штип, Велес и Гостивар. Во координација со Министерството за внатрешни работи ќе се обезбеди соодветна бројка на полицајци коишто истите објекти би ги обезбедувале доколку се наметне потреба патници да бидат мониторирани.

„Тестовите на тројцата кинески државјани коишто денеска стигнаа по претходна најава на кинеската амбасада се негативни. Меѓутоа, за секој случај и покрај тоа што тие веќе биле во изолација, во карантин 14 дена ќе продолжат во дополнителна изолација уште 14 дена, под мониторирање на нашите институции, Центри за јавно здравје. Се договоривме патниците коишто доаѓаат од критичниот регион во Северна Италија, се упатуваат и се пропуштаат по само неколку гранични премини, тоа се: Богородица, Блаце, Деве Баир на Табановце и Ќафасан, со цел да биде посконцентрирана контролата и можноста да се упатат и здравствени работници“, рече министерот Филипче.

Министерот Филипче повторно упати апел да не се патува во критичните региони на Северна Италија и најави дека во текот на утрешниот ден на владината седница ќе се дискутира за да се одложат сите организирани посети во овој регион од страна на државните институции.

По формирањето на кризниот штаб во рамки на Министерството за здравство, почнувајќи од утре, ресорното министерство ќе има секојдневен брифинг со најнови информации.”