Физичка пресметка, семејно насилство, злоупотребана службена должност

Сподели

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против Р.Н. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в од Кривичниот законик. Пријавениот, полициски службеник во Регионалниот центар за гранични работи Исток, во два наврати во декември 2024 година и во пет наврати во април 2025 година, постапил спротивно на законските прописи и на седум странски државјани апликанти издал решенија со кои им се одобрува правото на привремен престој на територија на државата, и покрај тоа што по извршени безбедносни проверки било утврдено дека претставуваат закана за јавниот поредок, националната безбедност, јавното здравје или меѓународните односи на Република Северна Македонија.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Д.Е.(18) и Х.Е.(19), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 06.03.2025 на улица „Скупи“ во Скопје, пријавените запалиле кабел, при што предизвикале пожар кој зафатил сува треба.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Д.Т.(26) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 20.05.2025 во село Беровци, прилепско, полициски пријавниот не застанал на знак за запирање, даден од полициски службеници, и со возилото „бмв” со бугарски национални ознаки, кое го управувал, се обидел да ги удри полициските службеници. Набргу бил фатен и лишен од слобода.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против Е.Б.(70) со живеалиште во Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. На 03.03.2025 пријавениот измамил едно лице за сума од 200 евра и 12.000 денари на начин што лажно му се претставил како прекупец на злато и побарал од него да му даде парите да ги покаже на лице од Република Турција, кое продавало злато, за да види како изледа македонскиот денар. Откако не се вратил, оштетениот сфатил дека е измамен и настанот го пријавил.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против М.Ѓ.(52) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,бесправно градење”. На 22.10.2024 во Гостивар, при извршена контрола било констатирано дека пријавениот, во својство на инвеститор, изградил куќа без одобрение за градење издадено од надлежен орган.  

СВР Битола поднесе кривична пријава против М.Д.(21) и С.Р.(23), двајцата од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекузори“. Пријавените со возило дошле до Казнено – поправната установа Затвор Прилеп и преку ѕидот, внатре во затворот, фрлиле кокаин, кој бил пронајден и одземен.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против M.И.(49) од гостиварско село поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 25.05.2025 во семејната куќа, пријавената физички го нападнала нејзиниот 43-годишен сопруг и оштетила дел од покуќнината.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против П.Т.(33) од с.Јакимово, виничко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 18.03.2025, пријавениот упатувал закани на В.Д. и неговата сопруга Р.Д..

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против Е.С.(48) од Виница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 13.05.2025 во семејниот дом, пријавениот упатувал закани на неговите сопруга и ќерка.

На 17.06.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Д.Б.(59) и А.Д.(18), двајцата од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.

Денеска (18.06.2025) во 00.10 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека на крстосница од бул.„Никола Минчев“ со бул.„Македонија“ во Кавадарци се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Т.(31) од Кавадарци и мотоцикл „сузуки“ со кавадаречки регистарски ознаки, управуван од Г.И.(29) од с.Дреново, кавадаречко. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Општата болница Кавадарци. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Кавадарци.

На 17.06.2025 во 08.50 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на патот Градско-Прилеп се случена сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „матиз“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од И.Н.(62) од Прилеп и патничко возило „пежо“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од З.В.(51) од Прилеп. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил И.Н., констатирани во Градската општа болница Прилеп. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Прилеп.

На 17.06.2025 во 14.00 часот на Граничен премин Деве Баир, полициски службеници го лишиле од слобода Ј.К.(56) од Република Турција затоа што при гранична контрола било констатирано дека на увид приложил фалсификуван зелен картон за возилото кое го управувал. Тој бил предаден на полициски службеници од Полициска станица Крива Паланка и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.  

На 17.06.2025 во 19.48 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од ул.„Цветан Димов” со ул.„Џон Кенеди” во Скопје, по претходно недоразбирање, настанала физичка пресметка помеѓу 14-годишник од Скопје и Р.С.(64) и Б.С.(18), двајцата од Скопје, при што биле употребени ножеви. Притоа, лицата се здобиле со повреди и биле пренесени во  Градската општа болница „Св.Наум Охридски” и Комплекс клиники „Мајка Тереза” за укажување помош. Увид бил извршен и по целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.  

На 17.06.2025 во 13.50 часот во СВР Скопје, М.П.(36) од Скопје пријавила дека околу 12.35 часот на подрачјето на  Центар во Скопје, едно лице со употреба на физичка сила ѝ ја одзело чантата во која имала пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 17.06.2025 во 14.55 часот во СВР Скопје, од Градска општа болница „Св.Наум Охридски“ -Скопје било пријавено дека кај нив со повреди и за укажување момош се јавила С.Х.(79) од Скопје. Според пријавеното, на подрачјето на Центар во Скопје, едно лице со употреба на сила и ја одзело чантата. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 17.06.2025 во 11.30 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода С.Л.(21) од Скопје. Во моментот кога полициски службеници дале знак за запирање на возилото „рено канго“ со скопски регистарски ознаки, во кое бил совозач, Л.С. од прозорецот фрлил тврда бела материја, а откакоизлегол од возилото се обидел со остар предмет да нападне полициски службеник кој извршувал службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

На 17.06.2025 во 19.30 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го пронашле Р.М.(17) од Скопје, за кој на 29.05.2025 од Јавна установа за згрижување деца било пријавено дека се оддалечил од установата. М.Р. бил предаден во установата.

На 17.06.2025 во 18.30 часот во СВР Скопје, 20-годишна жена пријавила дека на подрачјето на Бит Пазар била физички нападната од нејзиниот поранешен партнер С.Е.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 17.06.2025 во 11.30 часот во Скопје, на подрачјето на Ѓорче Петров, полициски службеници од СВР Скопје ја привеле Е.Д.(56) од Скопје затоа што агресивно се однесувала кон полициски службеници кои вршеле службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.