Г.Г. СТЕФАН: Да празнуваме небесно и духовно! Христос се роди!

Сподели

 

“Возљубени чеда во Господа,

Денес е денот на радоста, денот кога ги доживуваме вистината и убавината на нашата вера; ова е денот на добрата волја, денот кога Милостивиот Бог се понизил заради нас и заради нашето спасение, денот кога Миротворецот му подарил мир и помирување на човечкиот род и на светот… Денес, Оној Кој ги создаде светот и човекот станува Богочовек, се раѓа како човек, за човекот да го спаси.

Денес го прославуваме Божик, како и сите големи празници, за духовно да закрепнеме и духовно да се издигнеме, сеќавајќи се на големите настани од историјата на спасението. Црковните песнопенија на овој велелепен празник нè повикуваат со мислите да се пренесеме во онаа неповторлива ноќ во Витлеем, за да ги разбереме даровите од тој спасоносен настан за човечкиот род, за да ја разбереме богооткриената вистина – дека веќе не сме робови, туку постанавме синови, наследници Божји[1]. Со рождеството на Синот Божји дојде помирувањето со Бога и се објави тајната на спасението и благата вест за вечниот живот. Тој ден  е денот најавуван од старозаветните пророци[2] и денот по кој копнееле старозаветните праведници. Затоа тој празник е мајка на сите празници и празник на исполнетото ветување[1], кога Синот Божји ја објави тајната за Бога, но и тајната за човекот.

Возљубени чеда во Христа Спасителот,

Чудесната ѕвезда на небото и денес ги просветлува народите, приведувајќи ги кон богопознание, како што вели нашиот свети Климент Охридски[2]. Па да им се придружиме на ангелите околу витлеемската пештера и да Му ја запееме на Богомладенецот песната на мирот, надежта и добрата волја[3], оти и денес народите имаат потреба од небесната порака, од евангелската љубов и од вечните, спасоносни дарови.

Христовото рождество е празник кој донесе небесна радост, а таа радост и денес ни порачува да празнуваме божествено и христијански, да празнуваме небесно и духовно, да празнуваме со радоста објавена од небото, со радоста што надминува сè и трае, зашто Бог го посети и го избави народот Свој.

Христос се роди!”

Со оваа порака им го честита празникот на Христовото рождество на сите чеда на светата Македонска Црква, во Татковината и насекаде по светот, Архиепископот Охридски и македонски, г.г. Стефан.